Вистинските проблеми за кои не се зборува

Вистинските проблеми за кои не се зборува

Во некои населени места во Македонија нема вода, па луѓето мора да носат во буриња, во други нема пат, а во делови од земјата нема ни луѓе, бидејки се исселиле, главно поради невработеноста и сиромаштијата. Проблеми, кои сите ги знаат, но или малку се зборува за нив или се игнорираат.

Околу 50 семејства од горниот дел на селото Буковиќ со години немаат вода. Селото се наоѓа во Општина Сарај, на 18 километри од центарот на Скопје и на само седум километри до изворот Рашче кој го снабдува Скопје со вода. Надлежните постојано ветуваат, но вода се уште нема, се жалат тие.

Со вода кубури и селското основно училиште Емин Дураку во кое учат 380 основци. Родители се жалат дека наутро ги испраќаат децата на школо со шише вода во ранецот, децата во школскиот двор велат дека нема капка вода.

Поречкиот крај се наоѓа на 50 километри од Скопје, но, иако е толку блиску понекогаш патувањето може да трае и три часа, бидејќи со децении движењето до живописниот предел околу езерото Козјак е ограничено. Проблемот е што единствениот пократок пат води преку заштитеното подрачје Јасен, кој е дом на балканскиот рис и на други диви животни.

Портите на ловниот парк Јасен се отвораат само во три термини за време на летниот период и два пати за време на зимскиот период. Дека патот првично не бил направен за сообраќај говори и фактот дека е широк само 2 и пол метри и функционира во еден правец. Доколу жителите на поречкиот крај го пропуштат терминот, рампата при влезот и излезот на Јасен е затворена, а тие ќе треба да кружат и да возат 200 километри до Скопје преку Македонски брод и Кичево.

Од година во година, бројот на ученици во основното училиште „Видое Подгорец“ во струмичко Мокрино се намалува. Причина е иселувањето на младата популација во западноевропските земји. Напуштени куќи, празни улици и земјоделски површини без работници, се реалноста во мирното селото под Беласица.

Само пет деца од прво до петто одделение учат во основното училиште „Видое Подгорец“ во селото. Училиштето постои од 1957 година, но училниците никогаш не биле толку празни како денеска. Одделенската наставничка Лина Стојчева-Китанова вели дека ова училиште не било секогаш така празно, но дека секоја секоја година бројот на ученици драстично се намалува.

Младите луѓе не можете да сретнете во Свети Николе на пазарен ден. Повозрасните жители велат нема работа, па затоа младите заминуваат во Италија на берење јаболка. Од друга страна пак, бизнисмените не можат да си ги прошират бизнисот оти нема нови индустриски зони. И тие што ги има или нема атмосферска или нема фекална канализација.

Невработеноста во истокот на земјава е сериозен децениски проблем. Во недостиг на системски решенија, граѓаните особено младите масовно се иселуваат од градовите во источниот но и западниот дел од земјава. Според неофицијалните податоци, повеќе од 500 илјади македонски државјани и лица со потекло од земјата живеат во странство.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …