Владата ги утврди текстовите на два нови предлог закони - за средно образование и за стручно образование и обука

Владата ги утврди текстовите на два нови предлог закони – за средно образование и за стручно образование и обука

На вчерашната седница, Владата утврди текст на нов Предлог на закон за средно образование.

Целта, според предлагачот, Министерството за образование, е да се овозможи унапредување на системот на средното образование, со што директно ќе се влијае на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата. Учениците, како што е наведено во Образложението, во процесот на средното образование ќе се стекнат со знаења и вештини, со коишто ќе можат да го продолжат своето натамошно образование, но истовремено ќе ги направи учениците компетитивни на пазарот на трудот и ќе го олесни нивниот пат до вработување или самовработување.

Посебна новина којашто се воведува е во поглавјето „Испити на крајот на средното образование“, односно воведувањето стручна матура и влезен академски испит.

  • По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура, или училишна матура.
  • По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура.
  • По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура.
  • По завршувањето на последната година на стручното образование со двогодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит.
  • По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура.

Концепцијата за испити на крајот на средното образование, ја изготвува Државниот испитен центар, а на предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот. Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава.

Новина има и во поглавјето „Права и обврски на учениците и ученичко организирање и учество“. Секој вработен во училиштето, според предвиденото, е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинството, како и неговите права согласно Конвенцијата за правата на детето. Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него. Во средните училишта, учениците слободно се организираат во класни заедници и ученички совет. Учениците имаат право на слободно организирање во ученички совет на локално и регионално ниво, Сојуз на средношколци на национално ниво, или во други облици во согласност со други закони и подзаконски акти. Во работата на училишниот одбор, стручните органи и тела на училиштето и во Советот на родители, учествуваат претставници на учениците избрани од страна на ученичкиот совет.

Владата утврди текст и на нов Предлог на закон за стручно образование и обука.

Законот за стручно образование и обука којшто во моментот се применува е донесен во 2006 година, а реформата на стручното образование и обука, според предлагачот, Министерството за образование, е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресурси за потребите на пазарот на трудот, преку вработување или самовработување.

Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука е во согласност со Стратегијата за образование 2018-2025 година, којашто како приоритети ги поставува:

1) Усогласување на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот;

2) Подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука;

3) Зголемување на опфатот во стручното образование и обука, и

4) Подобрување на капацитетите на човечките ресурси.

Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука, исто така е определено и со Годишниот план за работа на Министерството за образование и наука.

Прочитајте повеќе

Филипче до членството: Сега повеќе од било кога ни е потребно единство

Филипче до членството: Сега повеќе од било кога ни е потребно единство

Носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, д-р …