„Влијанието на социјалната средина и култура врз машкото здравје'', трибина на Здружението ФИЛИП ЛУКАРОСКИ и Архитектонскиот факултет

„Влијанието на социјалната средина и култура врз машкото здравје”, трибина на Здружението ФИЛИП ЛУКАРОСКИ и Архитектонскиот факултет

По повод месецот на машкото здравје, вчера на Архитектонскиот факултет во Скопје се одржа трибина со наслов „Влијанието на социјалната средина и култура врз машкото здравје”.

На трибината која се одржа во организација на Здружението за унапредување на здравјето ФИЛИП ЛУКАРОСКИ и Архитектонски факултет-Скопје, говореа деканот на Архитектонскиот факултет проф. д-р Огнен Марина, претседателката на Здружението ФИЛИП ЛУКАРОСКИ, Петра Лукароска и професорката на Филозофскиот факултет-Скопје, Татјана Стојаноска Иванова.

Истовремено, на трибината беше извршена постхумна презентација на магистерскиот труд на Филип Лукароски на тема „Трансформативни типологии“, со наслов „Трансформација на постоечкиот руиниран планинарски дом Дервен, во рекреативен/едукативен центар за планинарски спортови и параглајдинг“.

„Овој месец отворено ќе зборуваме за машкото здравје, со цел да ги менуваме востановените ставови, да ги кршиме табуата, се’ заради подобро здравје на машката популација. Не случајно името на Здружението е Филип Лукароски. Филип беше и секогаш ќе биде нашиот маратонец кој истрча пет маратони, но не и најтешкиот – животниот маратон. Филип не стигна овој месец да говори за ракот на тестиси, исто како што не стигна овде, на Архитектонскиот факултет да го одбрани својот магистерски труд на кој работеше и тогаш кога ја примаше хемотерапијата. Денес сме овде да проговориме за сето тоа“, истакна на почетокот на своето обраќање претседателката на Здружението ФИЛИП ЛУКАРОСКИ, Петра Лукароска..

Лукароска потенцираше дека истражувањата во Италија, Франција, Шпанија, Германија и Обединетото Кралство од страна на Европското здружение за урологија, при што биле анкетирани 2.500 мажи, покажале алармантни податоци:

  • дури 50% од анкетираните мажи не знаеле дека имаат простата, а некои од нив верувале дека тоа е женски орган;
  • 22% од испитаниците знаеле дека имаат простата, но не ја знаеле нејзината положба во телото;
  • 43% од нив изјавиле дека не би побарале лекарска помош доколку забележат крв во урината;
  • 23% би чекале повеќе од еден месец пред да се консултираат со лекар поради честата потреба за мокрење;
  • 28% од анкетираните, поради чувство на печење или болка при мокрење, би го споделиле овој проблем со лекар само по една недела од почетокот на симптомите;
  • загрижувачки процент од 42% не би разговарале со својот лекар за рак на простата, а 50% од нив не знаат ниту еден од симптомите на болеста;
  • дури 75% од анкетираните веруваат дека болеста не е фатална;
  • за жал, 10% од дијагностицираните пациенти со рак на простата, ја губат животната битка.

Трибината „Влијанието на социјалната средина и култура врз машкото здравје“, беше организирана во склоп на меѓународното движење „Мовембар“, чија идеја е отворено да се зборува за здравствените проблеми на мажите, како што се менталните проблеми, ракот на простата и ракот на тестисите, со цел да се сензибилизираат и информираат мажите за превенција, симптоми, дијагноза и третман на овие заболувања.

Прочитајте повеќе

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи …