Платформите кои не ги почитуваат правилата може да бидат казнети до еден процент од нивниот глобален приход
Франција усвоила закон со кој малолетниците помлади од 15 години ќе мораат да добијат согласност од родителите за користење на платформите на социјалните мрежи, пишувааат француските медиуми, повикувајќи се на агенцијата АФП.
Според законот, платформите на сите социјални медиуми ќе треба да користат систем за проверка на возраста на корисниците и проверка дали малолетниците имаат родителска дозвола. Платформите кои не ги почитуваат правилата може да бидат казнети до еден процент од нивниот глобален приход.
Новиот закон експлицитно ќе бара од социјалните мрежи да добијат одобрение од родителот или старателот на корисникот доколку се под 15 години, користејќи технички решенија кои се во согласност со упатствата утврдени од францускиот регулатор Арком.
Странските агенции пренесуваат дека некои корисници се регистрираат од само осум години, според француската Национална комисија за технологија и слободи (CNIL), а повеќе од половина од децата на возраст од 10-14 години користат социјални мрежи како Снепчет и Инстаграм.
Неизвесен е точниот датум кога законот за проверка на возраста ќе стапи во сила, бидејќи Европската комисија допрва треба да провери дали е во согласност со правото на ЕУ.
Социјалните мрежи би имале една година да се усогласат со политиката за нови претплатници и уште две години да ги применат барањата за постоечките корисници.