Во Кабинетот на претседателот беше отворена изложбата „Зад Македониумот“– скици, цртежи, фотографии и макети од личната колекција на Јордан и Искра Грабулоски, автори на еден од нашите најпознати споменични обележја, Македониумот во Крушево.
Изложбата се организира по повод одбележувањето на 31 година независна македонска држава и преку неа се претставуваат значајните дела од богатата современа македонска културн0-историска ризница.
Во своето обраќање пред присутните гости, претседателот Пендаровски истакна дека благодарение на семејството Грабулоски, на Лира Грабул и Сатја Грабулoски, изложбата е можност да погледнеме во светот на интимните и детални творечки процеси, во повеќеслојните наративи, визии, дилеми и перспективи кои се одвивале при уметничкото и архитектонско осмислување на „Македониумот“.
„Споменикот на Илинден во Крушево, познат како Македониум, е несомнено најкомплексното и би се осмелил да кажам – најрепрезентативното скулптурално-архитектонско дело кое е возвишен израз на нашата современа уметност, култура и архитектура. Македониумот е парадигма за тоа како големите историски наративи можат и треба да се толкуваат и препрочитуваат во контекстот на современоста и актуелноста. Токму преку пристапот во конципирањето и реализацијата на Македониумот, и на целиот пејзаж околу него, гледаме дека историското наследство може да биде стартна позиција за еманципираната и универзална иднина, а не простор на застоеност и ретроградност“, рече претседателот Пендаровски.
На свеченото отворање се обрати и Лира Грабул, ќерката на Јордан и Искра Грабулоски, а низ изложбата присутните гости беа водени од Владимир Јанчевски, куратор и теоретичар на уметноста.
Изложбата ќе биде достапна за посета за широката јавност преку платформата Отворен Кабинет од 22 до 30 септември 2022 година.