Во петок на преговарачка маса седнуваат тутунарите, откупувачите и Министерството за земјоделство

Во петок на преговарачка маса седнуваат тутунарите, откупувачите и Министерството за земјоделство

Преговорите на тутунопроизводителите, откупните компании, Министерството за земјоделство и Државниот земјоделски инспекторат, на кои ќе се разговара за текот на откупот на тутун од годинешната реколта, ќе се одржат во петок во Скопје.

Тоа е заедничкиот заклучок произлезен од денешната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Зоран Шапуриќ и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски со претставници на Сојузот на тутунски здруженија и на Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари.

Дотогаш, протестите на незадоволните тутунари се ставаат во мирување, а со повлекувањето на поверениците од страна на Сојузот на тутунски здруженија од сите откупни пунктови, практично ќе биде прекинат откупот на тутун.

„Заеднички се дооговоривме во петок да ги повикам на заеднички состанок откупувачите на тутун и заедно да ги изнесеме пред нив барањата на тутунарите, бидејќи нашата улога како Министерство е чисто од аспект на мониторирање на процесот. Се договоривме до петок да прекинат протестите и ако постигниме договор, целиот процес на откупот на тутун ќе се одвива онака како што треба. Договорената количина на тутун на ниво на држава е околу 23 милиони килограми, до овој момент се откупени само околу 300.000 килограми, или 1.5% што е многу мала количина. Заради тоа мислам дека целиот овој процес го почнуваме на време и верувам дека ќе се изнајде решение, бидејќи имаме време до крајот на откупот“, потенцираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, после денешната средба одржана во големата сала на Општина Прилеп.

„Ги известувам сите повереници од откупните пунктови во целата држава, дека од утре до петок треба да се повлечат од вагите и дека дотогаш нема да се откупува тутун. Во петок почнуваат преговорите со откупувачите, за да изнајдеме заедничко решение“, изјави претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, Менде Стомнароски.

„Штом ќе се повлечат поверениците и ќе запре откупот, нашите протести до петок ќе бидат прекинати. Во петок одиме на преговори, каде со правен тим кој ја разбира проблематиката и точно знаат на каков начин ни се зема тутунот во пониска класа. Ќе ги отвориме фактите за да докажеме дека тоа навистина се случува“, рече Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Гласот за ДПМНЕ носи само меѓуетнички тензии, заробени медиуми, замолчени граѓани

Ковачевски: Гласот за ДПМНЕ носи само меѓуетнички тензии, заробени медиуми, замолчени граѓани

Давањето преголема моќ на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ може да донесе само разгорување на …