Градежните активности за реконструкција на булеварот „Гоце Делчев“, се одвиваат со полн интензитет.

Со поставување на урбаната опрема, уредување на жардинериите и асфалтирање на велосипедската патека на потегот од кружниот тек „Карпалак“ до поранешната Градска кафеана, започнуваат финалните реконструктивни работи на овој дел од булеварот.

Од вчера почна реконструкцијата и на втората делница од булеварот, кој го опфаќа делот до раскрсницата пред Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Истовремено, се врши комплетна реконструкција на улицата „Прилепски бранители“, од некогашната Градска кафеана до кружниот тек пред прилепската подружница на АД Пошта на Северна Македонија.

Со реконструкцијата, булеварот „Гоце Делчев“ ќе има четири коловозни ленти, по две во двете насоки, тротоари со гранитни плочки, велосипедски патеки и тактилни траки за слепите лица, ново осветлување како и хоризонтална светлечка сообраќајна сигнализација на долниот дел од пешачките зебри.