Фаб Лаб на Технолошко-металуршки факултет

Во првиот Фаб Лаб на Технолошко-металуршкиот факултет младите иноватори ќе може да развиваат свои продукти

Млади иноватори на возраст од 15 до 29 години ќе можат да развиваат и тестираат иновативни идеи до создавање продукт-прототип во првата лабораторијата за производство и прототипирање Ино Фаб Лаб, која беше отворена на Технолошко-металуршки факултет (ТМФ) во Скопје. Тие ќе работат под менторство на академски професори и стручни лица од реалниот сектор, а главната цел е да се зајакне иновативната инфраструктура во земјава и да се подобрат вештините и знаењата на средношколците и студентите.

Во следните 12 месеци во лабораторијата ќе работат педесетина креативни и иновативни средношколци и студенти кои ќе креираат конкретни проекти, што ќе резултираат со развој на најмалку шест прототипи на производи.

„Со воспоставувањето на Ино Фаб Лаб младите во земјава добиваат неограничен пристап до најсовремена технологија и менторска поддршка за развивање на нивните иновативни идеи до прототип на производи. Во следните 12 месеци очекуваме огромен интерес на младите средношколци и студенти за работа во оваа лабораторија каде ќе ги развијат своите прототипи и ќе ги зајакнат своите технички вештини. Започнат е и отворениот повик за пријавување на заинтересираните средношколци и студенти кои ќе работат во оваа лабораторија“, изјави д-р Игор Јорданов, претседател на Здружението Ино Тех Клуб и професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

За д-р Биљана Анѓушева, декан на ТМФ, првата Фаб Лаб лабораторија ќе даде значаен импулс во привлекување што повеќе средношколци да се заинтересираат за техничките науки и да станат инженери кои ќе бидат двигатели на идниот економски развој на нашата земја.

„Евидентен е недостигот на техничко-технолошки кадар во домашните компании, па затоа верувам дека отворањето на вакви современи лаборатории ќе привлечат младите да градат кариери токму во овие области“ изјави Анѓушева.

Според директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фeстим Халили, фокус на ФИТР е поддршката на младите, создавањето на претприемничка култура кај нив како и услови за што поголем дел од нив да останат и да ја градат својата иднина во земјава.

„Овие лаборатории на младите ќе им овозможат пристап до напредни технологии и материјали и затоа сум особено горд дека на некој начин им даваме шанса и можност на сите млади ентузијасти да ги унапредуваат своите знаења, вештини и да стекнат искуства преку директно учество во научно-истражувачката дејност и да влијаат и на развојот на нивната кариера и нашето општество“, посочи Халили.

Џеиуан О, помошник референт за односи со јавноста на Амбасадата на САД, која е поддржувач на проектот, потенцираше дека можноста рано да научат да креираат, да учат за пазарните можности и да соработуваат со ментори, кои навистина веруваат во нив, може да им ги смени животите на младите луѓе, а таквите искуства ќе резултираат со поголеми промени во целото општество.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Дарја Ризова доби награда за најдобра актерка на меѓународен фестивал во БиХ

Македонската театарска актерка Дарја Ризова ја доби наградата за најдобра актерка од публиката на деветтото …