парламент собрание

Во Собранието продолжува расправата за Законот за минимална плата

Пратениците во Собранието денеска на пладне треба да ја продолжат расправата за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој минималната плата ќе изнесува 18.000 денари. Вчера на почетокот на расправата, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, образложувајќи го Предлогот на закон рече дека тој е подготвен во дијалог со работодавците и работниците, и е донесено решение кои го поддржуваат сите – минималната плата да биде 18.000 денари. Таа нагласи дека очекува порастот на минималната плата да влијае позитивно за порастот и на останатите плати, со што, како што рече, ќе се подобри стандардот на граѓаните.

Пратениците од опозициските партии на собраниската говорница истакнаа дека жалат што мнозинството не ги прифатила нивните амандмани за подобрување на текстот на законот и за скалесто покачување на платите во јавниот и во приватниот сектор. За пратениците од владејачкото мнозинство, овој закон е од големо значење, како што посочија, со кој се излегува во пресрет на работничките права и на нивното унапредување. Со измените, минималната плата се зголемува од сегашните 15.200 денари на 18.000 денари. Измените уследија по договорот постигнат на 7 февруари по неколкуте одржани состаноци на Економско-социјалниот совет во кој членуваат синдикатите, работодавачите и Владата.

Минималната плата ќе биде зголемена од март што значи дека во април околу 80.000 работници ќе земат минимална плата од 300 евра. Зголемувањето на минималецот ќе биде потпомогнато од страна на државата која ќе го субвенционира делот од придонесите за што од Буџетот ќе бидат одвоени 16 милиони евра до крајот на годината. Со измените се менува и методологијата за годишното усогласување на минималната плата, односно усогласувањето ќе се врши со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот, а висината на минималната плата не смее да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.

Прочитајте повеќе

Љупчо Палевски – Палчо со авион екстрадиран во Македонија

Љупчо Палевски – Палчо со авион екстрадиран во Македонија