Во Турција започна големо судење поради уривање на згради во земјотресот од 2023 година

Во Турција започна големо судење поради уривање на згради во земјотресот од 2023 година

Во Турција вчера започна првото големо судење поврзано со изградбата на зградите кои се урнаа во катастрофалниот земјотрес во февруари 2023 година, во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе. Во овој случај станува збор за хотелот Исијас во Адијаман.

Според турските медиуми, пред судот во Адијаман на југоистокот од земјата се појавиле 11 обвинети, меѓу кои и сопственикот на хотелот.

Тие се обвинети за „свесно невнимание“ при надзорот на изградбата на десеткатницата која се урна во земјотресот, при што загинаа 72 лица, меѓу кои 42 адолесценти – кипарските Турци кои беа на спортски натпревар.

Според обвинението, најмалку еден од катовите на хотелот бил незаконски дограден. Во вештачењето е утврден и многу слабиот квалитет на употребениот градежен материјал.

Обвинетите се соочуваат со повеќе од 20 години затвор.

Градот Адијаман се наоѓа на помалку од 100 километри од епицентарот на земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтер кој се случи на 6 февруари 2023 година. Градот беше уништен во земјотресот.

Во земјотресот загинаа повеќе од 50.000 луѓе во Турција и 6.000 во Сирија.

Уапсени се повеќе од 260 лица кои учествувале во изградбата на зградите кои се урнаа во земјотресот, а дел од нив се обиделе да побегнат од Турција.

Градителот на 12-катница во Антакија наречена ренесансна резиденција, чии неколку стотици жители загинаа под урнатините, беше уапсен на аеродромот во Истанбул на 10 февруари додека се обидувал да побегне во Црна Гора.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не претрпе политичка штета од земјотресот и беше реизбран неколку месеци подоцна.

Ердоган за големиот број жртви во земјотресот ги обвини градежните претприемачи кои им плаќале на локалните инспектори за да можат да користат евтини материјали и незаконски да доградуваат катови на зградите.

Критичарите на Ердоган одговараат дека повеќето од големите градежни компании во земјата се тесно поврзани со владејачката партија АКП, пишува АФП.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Кузеска: Достоинствен и успешен изборен ден, изборите беа фер и демократски

Кузеска: Достоинствен и успешен изборен ден, изборите беа фер и демократски

Прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Почитувани, Имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден, …