Во заштита на шумите за пет години сме инвестирале само 480.000 евра, не е чудо што ги снемува

Во заштита на шумите за пет години сме инвестирале само 480.000 евра, не е чудо што ги снемува

С.Македонија премалку инвестира во заштита на шумите, а краен резултат од ваквата негативна пракса е уништувањето на огромни пространства засадени под дрвја. Во изминативе пет години, трошоците и инвестициите за заштита на шумите во земјава изнесувале само 29.516.000 денари, односно скромни 480.000 евра. За разлика од ова, големите шумски пожари што ја зафатија нашата земја годинава предизвикаа штета од над 31 милион евра, односно штетите предизвикани од пожарите се десетици пати поголеми во споредба со средствата што би можеле да се инвестираат во заштита на шумите.

Правилото „подобро да се спречи отколку да се лечи“ не важи за големото шумско богатство што го имаме. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2020 и 2019 година воопшто не се инвестирани средства во заштита на шумскиот фонд во земјава, додека најмногу финансии во инвестиции и трошоци за заштита на шумите биле вложени во 2015 година (12.197.000 денари) и во 2018 година (10.833.000 денари).

Од ЈП „Национални шуми“ за „Мета.мк“ на почетокот на месецов информираа дека само во шумските пожари заклучно со 15 август биле опожарени површини од 9.907 хектари во околу 150 пожари, при што констатирана е опожарена дрвна маса од дури 448.087 метри кубни.

Дополнително, од ова јавно претпријатие информираат дека од бесправна сеча на шумите во периодот јануари-август 2021 година биле регистрирани 1.329 нарушувања, при што бесправно биле посечени 11.792 метри кубни дрвна маса. Лани надлежните органи констатирале 3.852 бесправни сечи, при што биле посечени 26.615 метри кубни дрвна маса.

Во делот на санација на шумските пожари, од ЈП „Национални шуми“ ни рекоа дека ќе се заложат за пошумување на уништените површини годинава, при што планирана е и соработка со сопствениците на приватните шуми.

„ЈП Национални шуми располага со доволно садници со коишто ќе се обидеме да го спасиме шумското богатство. За санација ќе биде потребно многу долго време. За обнова на изгорените површини ќе требаат повеќе децении за да дојдеме до фазата во која се наоѓала шумата која изгорела. Тоа е многу долг период, што пожарите кои ни се случуваат ги прави катастрофални“, одговорија од ЈП „Национални шуми“ во однос на претстојната фаза за пошумување на површините кои беа уништени од катастрофалните пожари годинава.

Инаку, зачувувањето на шумскиот фонд е еден од главните фактори за да се намали влијанието на климатските промени, односно да се спречи натамошното покачување на просечните температури на воздухот во светот. Помалку уништени шумски пространства од пожари значи помалку испуштен јаглерод диоксид во воздухот, но и поголема можност за апсорбирање на штетните материи во воздухот од поголемиот број на дрва што не се уништени.

Податоците од Третиот двогодишен извештај за климатски промени на Министерството за животна средина и просторно планирање од 2020 година покажуваат дека секторот Шумарство има најголеми отстапувања низ годините кај емисиите на стакленички гасови во земјава.

Во годините кога нема шумски пожари, според податоците, шумите имаат зголемена ефикасност во апсорбирање на штетниот јаглерод диоксид од атмосферата. Ова било случај во 2014 година, кога дрвјата апсорбирале 3.597,4 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти (Gg. CO2-eq) во атмосферата.

Но, во случаите како 2000 година, кога имало огромни пожари, секторот Шумарство постанува главен причинител на испуштањето штетните емисии во атмосферата. Па така, токму оваа година овој сектор продуцирал 10.441,4 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти (Gg. CO2-eq), односно имал најголем удел во емисиите на стакленички гасови во земјава.

На светско ниво, шумите покриваат 9,4 отсто од површината на Земјината топка или 30 отсто од вкупната копнена површина, но некогаш покривале дури 50 отсто. Поради големите пожари и негрижата на шумите, и годинава шумските пожари зафатија големи делови од Европа и другите континенти, што доведе до натамошно намалување на бројот на дрвја со којшто располага нашата планета.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Есенската кошница заврши - се чекаат новогодишните мерки

Есенската кошница заврши – се чекаат новогодишните мерки

Повеќе од 70 основни прехранбени производи од денеска, први ноември, ќе добијат нови цени откако …