„Војдан Чернодрински“ - театар кој создава уметност во невозможни услови

„Војдан Чернодрински“ – театар кој создава уметност во невозможни услови

Пишува: Зоран Милошески

Следниот февруари, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ќе слави 70 години од своето постоење. И покрај тоа што просторните и техничките услови се под секое ниво, со својата работа прилепскиот театар докажа дека и најдобро опремената сцена не помага ако режисерот, актерите, техничарите, не ја работат добро својата работа и ако од неа не направат уметност. Извонредниот театарски колектив, кој последнава деценија заседна на пиедесталот на македонското глумиште, заслужува многу подостоинствени услови за работа, отколку онаа (полу)распаднат објект кој се нарекува “театарска куќа“.

Актуелниот раководен тим на прилепскиот театар, прави максимални напори за обезбедување на основните услови за работа на сите чинители на едно театарско остварување. Меѓутоа, без конкретна помош на Општината и на државата, актерите и останатите театарски работници уште долго ќе создаваат уметност во невозможни услови.

Во адаптираната зграда на некогашното кино „Москва“, завесата на првата театарска претстава „Кир Јања“ на авторот Јован Стерија Поповиќ и режисерот Аце Михајлоски, била крената во далечниот 18 февруари 1950 година. Оттогаш па до денес, на сцената на прилепскиот театар биле прикажани повеќе од 370 премиери и 7.500 претстави, кои ги виделе преку 1,6 милиони гледачи.

„Тапани во ноќта“, „Кавкаски круг со креда“, „Спиро Црне“, „Солунски патрдии“, „Колобан“, „Арсениј“, „Полковникот птица“, „Змејовата невеста“, „Клетници“, „Пиреј“, се дел од претставите со кои театарот стрпливо чекореше кон врвот на македонската театарска сцена.

Наградите за најдобри актерски остварувања кои на последниот МТФ „Војдан Чернодрински“ ги добија Марија Спиркоска Илијеска и Александар Степанулески, претставуваат потврда за несомнениот квалитет на прилепскиот ансамбл и продолжување на континуираната “жетва“ на награди и признанија од домашните и меѓународните фестивали. Заради нив, заради враќање на достоинството на професијата и добивање на адекватен третман согласно квалитетот кој го поседуваат сите, ама буквално сите членови на прилепскиот ансамбл, изградбата на нова театарска куќа мора да биде приоритет и на локалната самоуправа, но и на сите останати институции од сферата на културата.

Токму затоа, наместо фотографија од некоја од театарските остварувања на врвните мајстори на својот занает, овој краток осврт ќе ја “краси“ фотографијата на објектот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Да “трепка“, како потсетување до надлежните за неопходната потреба од нормални, хумани услови во создавањето уметност.

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …