Војници на АРМ извлекоа 5-годишно дете од урнатините

Војници на АРМ извлекоа 5-годишно дете од урнатините

Припадници на македонската армија по четири часа успеаја да извлечат петгодишно момче од под урнатините во градот Кахраманмараш. Еден од спасувачите за ДВ раскажува каква е состојбата по катстрофалниот земјотрес.

Припадници на македонската армија по четири часа успеаја да го извлечат петгодишниот Сулејман од под урнатините во турскиот град Кахраманмараш. По дојавата дека се слушнати гласови под урнатините тие шест часа заедно со турски тим спасители го расчистувале патот за да дојдат до малиот Сулејман. Ова е една од многуте спасувачки акции која што имаше среќен епилог по големата катастрофа која што ги зафати Турција и Сирија. Но, уште поголема е бројката на оние коишто не успеаја да го преживеат земјотресот. По дел од нив се уште се трага, а за многумина помошта можеби ќе стигне предоцна.

Надежта последна умира

Во една целосно урната десеткатница во турскиот град Адијамин, македонските тимови за претрага и спасување пронајдоа само две преживеани лица. Според кажувањата на локалните жители, во зградата имало барем стотина луѓе.

„Но, поминаа веќе 72 часа. Шансите за преживување на останатите се сведени на минимум“, раскажува за ДВ, Вернер Стоилов од Територијалната противпожарна единица на Струмица. Тој е дел од осуммината струмички пожарникари кои се специјално обучени за пребарување и спасување. Заедно со тим на Републичките сили за заштита и спасување при Дирекцијата за заштита и спасување, тие веќе два дена се во Турција.

Денеска ги расчистуваа урнатините на оваа десеткатница во надеж дека можеби ќе се спаси уште некој човечки живот. „Ќе се продолжи со напорите се додека постои и најмала надеж за спасување на барем еден човечки живот“, велат македонските спасувачи.

Во меѓувреме пристигна нова дојава – на друга локација, под урната висококатница има надеж дека се уште има преживеани.„Мораме итно да ја смениме локацијата, не известија дека шест- седум лица има под урнатините кои треба да бидат спасени“, вели за ДВ, Зулфикер Зејнула, заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, којшто е на терен во Турција.

Но, како што се доближува ноќта, така спасувачите стануваат се понемоќни. Нашиот соговорник вели дека тимовите се опремени со агрегатори и опрема за ноќна потрага и понатаму остануваат на терен. „Немаме избор, нема време. Сега веќе секоја минута е важна, мора да се направат последните напори ноќва“, вели Зејнула. Тимот од вечерва ќе биде засилен со нови спасувачи коишто доаѓаат од Македонија. Од утре ги чекаат веќе нови обврски и планови. Остануваат и понатаму во Турција се додека биле потребна нивната помош.

Деноноќна потрага 

По два дена без сон, струмичките пожарникари коишто заминаа во спасувачка мисија во Турција, се надеваат дека наскоро ќе можат барем на кратко да се одморат и да се стоплат во нивните шатори во југоисточна Турција. Импровизираните засолништа ги поставија во градот Адијаман, кој има речиси 270 илјади жители, претежно Курди, а сега е речиси целосно уништен. Комуникацијата со спасувачите е отежната. Струја нема, интернет мрежата или е слаба или воопшто ја нема.

Турција земјотрес
Поминаа 72 часа – шансите да се преживее под урнатините во Турција се се помали

Последиците од разорниот земјотрес кој во понеделникот ги погоди Турција и Сирија се насекаде видливи. Огромната разорна моќ на земјотресот, кој срамни со земја илјадници објекти и домови, и ниските температури кои ноќе се спуштаат и под минус 7 степени, ја прават потрагата по преживеаните се потешка. Ова се последните часови кога се уште има надеж дека некој преживеан може да се извлече од под урнатините.

Како да се провери секоја педа под урнатините и да се одговори на секој повик за помош, како да се спаси уште еден живот повеќе, но и да се прехранат, стоплат и да им се најде кров над главата на оние коишто успеаја да излезат од под урнатините? Ова се бројните дилеми со коишто се соочуваат македонските тимови коишто деновиве заминаа во Турција во потрага по преживеаните.

земјотрес Турција
Стоилов сведочи дека улиците се буквално распукани, како пресечени, што сведочи за разорната моќ на земјотресот

„Сите вложуваат натчовечки напори за да се помогне во пронаоѓањето на преживеаните, но размерот на катастрофата е толку голем што дури и АФАД (Турската владина Дирекција за управување со кризи и вонредни состојби) не може да постигне со потрагата, поради што е побарана меѓународна помош“, вели Стоилов за ДВ.

Со механизација, со голи раце, со последните напори и сили спасувачите се обидуваат да ги извлечат и последните преживеани од под урнатините во Турција, која што беше разурната од стравотни земјотреси.

„Нашите екипи работеа цела ноќ, но за жал нема веќе знаци за преживеани во оваа зграда“, вели Стоилов. Ниските температури ја отежнуваат потрагата, но и ги намалуваат шансите да се преживее на тој студ. Стоилов раскажува дека улиците се буквално распукани, како пресечени, што сведочи за разорната моќ на земјотресот.

„Разурнувањата се од огромен карактер, поради што е тешко да дојдеме до евентуално преживеани лица. Од денеска е вклучена и тешка механизација, која што го расчитува теренот“, вели Стоилов.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

израел хамас газа

Обединетите нации бараат истрага по откривање на масовни гробници во болниците во Газа

Полковникот Јамен Абу Сулејман, директор за цивилна одбрана во Кан Јунис, тврди дека некои од …