Воздухот почна да нѐ труе, мерните станици отидоа на сервис

Воздухот почна да нѐ труе, мерните станици отидоа на сервис

Граѓаните со месеци не можат реално да се информираат за нивото на загадување на воздухот во дел од најзагадените подрачја во земјава. Сензорите на повеќето мерни станици кои го прикажуваат најчестиот вид на загадување не испраќаат податоци до Министерството за животна средина.

Во скопските населби Гази Баба и Лисиче мерните станици работат селективно, па така, инструментот за мерење на ПМ10 честички во Гази Баба е исклучен од 14 август оваа година односно 76 дена, а во Лисиче од 5 октомври.

Иако од Министерството за животна средина и просторно планирање, на 26 октомври преку соопштение до јавноста најавија дека инструментите за ПМ10 честички во Гази Баба и Лисиче набрзо ќе бидат вклучени во системот, тие се уште не функционираат.

„Во моментот, од 6 инструменти за РМ10 во Скопје, надвор од функција се два инструменти за РМ10: во Гази Баба и Лисиче поради технички проблеми. По отклонување на проблемот, во најбрз можен рок истите ќе бидат вклучени во системот“, велат од МЖСПП.

„Мета“ контактираше со Горјан Јовановски чија веб-страница и апликација „Мој воздух“, добива податоци од истите мерни станици на Министерството. Јовановски ни ги испрати податоците кои неговата апликација ги има за бројот на исклучени денови за секој параметар кој го мерат станиците.

Најголем број на денови, 586, е исклучена станицата која го мери нивото на сулфур диоксид во скопската населба Центар. По неа следува мерната станица во Карпош од која 451 ден нема податок за нивото на јаглерод моноксид, а канцерогените честички ПМ25 во Гази Баба не се мерат 280 дена.

Граѓаните за нивото на ПМ10 честичките во Бутел не можат да се информираат веќе 229 дена, во Велес 109 дена. Во Гази Баба мерната станица не покажува ПМ10 од 14 август оваа година односно 76 дена, во Лисиче од 5 октомври, а во Битола од 12 октомври од кога станицата не ги мери ни ПМ2,5 честичките.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …