Време е политичките партии да почнат да се занимаваат со политика

Време е политичките партии да почнат да се занимаваат со политика

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Во рамките на Уставите во современите демократии, политичките партии започнуваат да се појавуваат по 1945 година. Политичкото здружување, организирање и делување постои откако постои општеството. Но сепак, нивното институционализирање во политички партии е поврзано со развојот на претставничката демократија. Политичките партии имаат разни функции: помирување на конфликтни интереси, поттикнување на граѓанска партиципација, регрутирање на кандидати за политички функции, остварување на демократска контрола, подготовка на политички програми, претставување, комуникација, одговорност, утврдување на цели, агрегација и артикулација на интереси, политичка социјализација и мобилизација. Од горенаведените функции ќе ги издвојам регрутирањето на партиските кандидати за служба во локалната и централната власт и политичката социјализација, како суштински елементи на она што политичките партии во нашата земја треба да обрнат посебно внимание.

Регрутирање на партиски кандидати за служба во локалната и централната власт. На кој начин можат да се регрутираат кадрите? Тоа може да се прави врз основа на професионалност, посветеност, визија и идеи на партиските членови кои се истакнати во одредени области. Може да се прави врз база на послушност спрема лидерот, или пак врз база на лојалност кон партијата изразена со работа на терен во делот на собирање гласови, без разлика на личната спремност за одредена општествена функција. Претходната власт регрутираше нови лица, кои навидум беа освежување, но од денешна перспектива можеме да заклучиме дека истите се избирале поради послушност кон лидерот и нивната ангажираност во собирање на што повеќе гласови преку клиентелистичка пракса. За оваа практика граѓаните станаа свесни многу подоцна, но сега веќе е јасно дека тоа беше најшироко применета пракса, која негативно се одрази на јавните политики кои требаше да креираат јавна вредност. Јавната вредност ние ја заборавивме, се знаеше само за партискатa.

Начинот на кој се однесува една политичката партија, било да е власт или опозиција, има големо влијание врз граѓаните кои политички се социјализираат и преку делувањето на политичките партии во општествениот контекст. Секако, доколку јасно утврдиме дека партиите станаа централна „институција” во нашиот политички систем, ќе дојдеме до заклучок дека нивното влијание е уште поголемо. Така, како последица на претходното владеење, граѓаните преку социјализација сфатија дека мора да бидат членови, безрезервни поддржувачи на партијата, слепи следбеници, собирачи на списоци со луѓе кои ќе гласаат за истата таа партија. Да бидат фини со локалните криминалци кои, ако се од партијата која е на власт никој ништо не им може, доколку си професор мора да ги поддржуваш во секоја изјава и полунасмевнато да му аплаудираш на лидерот со воздишка и силно – “браво“! Доколку си наставник, треба да одиш на сите митинзи и да се сликаш, ако си доктор и ти треба специјализација, треба да  правиш се’ од горенаведеното, заради што се појави онаа позната и најфреквентна реченица „Сум ги гласал, нормално е да ме вработат”.

Кога дојде до промена на власта, очекувањата беа дека овој вид на политичка социјализација ќе се промени, дека сега е шансата за почеток на градење на општество врз база на граѓанство. Меѓутоа, заборавивме дека членовите и на другата партија од која очекувавме промена, на ист начин се социјализирале и не се во можност да ја напуштат таа матрица за која сите едногласно се согласуваме дека е уништувачка.

Првиот круг на претседателски избори го покажа она што и претходно го знаевме, но никој не сакаше да го чуе – дека најголемиот број граѓани не се ниту за партијата на власт, ниту за опозицијата. Дека сакаат да видат креирање на јавни политики кои би значеле и јавна вредност, професионален однос кон функција, издржаност во коментарите кои го повторуваат истиот начин на политичка социјализација како претходно. Дека е неопходно вработување на личности кои би знаеле што работат, бирање градоначалници кои би ги знаеле своите надлежности, поставување на директори кои ќе ги направат јавните претпријатија живи.

Затоа, расчистете самите со „груевизмот” и мнозинството граѓани ќе направат се’ за тој да не се врати! Ова е добронамерна критика која би требало да ја земете во предвид и клиентелистичката пракса да ја смените со пракса на реална понуда на јавни политики, кои би значеле и јавна вредност. Не постои можност тоа да остане непрепознаено. Ќе се лутат само оние кои мислат дека партијата постои за да ги вработи, но полека ќе научат дека цената на јавната штета која што тие ја произведуваат, е превисока!

Ако тоа не се случи, ќе ви кажуваат дека сте „најубави”, „најпаметни” и „силни”, ама во една друга „лига“, надвор од развиена Европа. Затоа што и во ЕУ има различни членки – едни кои знаат што е развој, но и други кои без разлика каде и да членуваат, развојот не ги стига.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …