Втор ден штрајк на приватните специјализанти

Втор ден штрајк на приватните специјализанти

Приватните специјализанти утрово (16 април) продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. Тие најавија дека нема да го прекинат штрајкот се додека не ја дочекаат информацијата од Владата во писмена форма дека се прифатени нивните барања за зголемување на надоместокот и за целосно решавање на нивниот статус во здравството.

„Ние го продолжуваме штрајкот сè додека не помине седницата на Влада и министерството за здравство не излезе со официјално известување што е одлучено, па потоа ќе одлучиме за следните чекори. Сè уште не се исполнети нашите барања, ветувањето на Илир Демири беше дека тој има разбирање за нашите проблеми, но еден месец не беа предложени на седница на Влада“, истакна Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина трета година.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.

Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.

На средбата беше кажано дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување.

Министерот за здравство побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Филипче Митинг со младите

Д-р Филипче до младите: Единствен начин за трајна трансформација на општеството е интеграцијата во ЕУ

Младите се движечката сила, покренуваат револуции и создаваат иновации и затоа нивните идеи се клучни …