Втор пожар во фабриката „Треска“ за седум месеци, периодот помеѓу преполн со обвинувања и закани за тужби

Втор пожар во фабриката „Треска“ за седум месеци, периодот помеѓу преполн со обвинувања и закани за тужби

Денешниот пожар во халите од поранешната фабрика за мебел „Треска“ е втор во низа по минатогодишниот пожар што се случи кон крајот на септември. Скопските пожарникари на 25 септември вечерта интервенираа во кругот на фабричката хала, откако граѓаните од околните згради пријавиле за густ чад што се ширел од фабричката хала.

Од септември лани до денес, серија на обвинувања и закани за тужби беа разменети меѓусебно.

Од советничката група во Општина Центар „Шанса за Центар“ на 23 март годинава алармираа и ја повикаа јавноста и институциите на будност за да не се бетонира просторот на некогашната фабрика за мебел „Треска“. Тие се повикаа на спорниот урбанистички план за Буњаковец, со кој се предвидува изградба на згради на просторот на фабриката „Треска“.

По објавувањето на стравувањата од „Шанса за Центар“, два дена подоцна на 25 март тие излегоа со став дека биле цел на организирана кампања полна со манипулации, невистини и закани откако ја организираа прес-конференцијата на 23 март.

Општина Центар во јуни 2021 година го објави Конкурсот за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за локалитетот фабрика „Треска“, но од „Шанса за Центар“ кон крајот на март рекоа дека повеќе од шест месеци чекаат за да ги видат понудените и наградени решенија. Од „Шанса за Центар“ изјавија дека повеќе месеци барале податоци за состојбата и третманот на државното земјиште на овој потег.

Во однос на оваа локација, по реакцијата на „Шанса за Центар“ со интервју излезе градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој на 29 март годинава во интервјуто за порталот Локално изјави дека тој нема да дозволи во поранешниот индустриски капацитет „Треска“ да се гради на државно земјиште, планирано за јавна намена.

Герасимовски ја објасни законската регулатива за дооформување на приватните плацеви, која во целост била испочитувана од него и општината со која раководи. Целиот простор опфаќа површина од 41.000 метри квадратни, од кои околу 47 отсто се во сопственост на државата, изјави градоначалникот на Центар.

„Меѓутоа, од наведените 47% државно земјиште, само околу 10% до 15% се предмет на дооформување, односно докупување од страна на сопствениците согласно актуелниот план. Таа постапка е законска обврска на општината поради тоа што се наоѓаат во рамки на градежни парцели оформени со ДУП-от. Останатите 37% се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како што се улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ и Општина Центар нема да дозволи дооформување на ова земјиште. Истите и понатаму остануваат во државна сопственост и остануваат за јавна намена, без апсолутно никаква можност за градба на овие површини“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски, градоначалник на Центар во интервју за Локално.

Тој ги демантираше информациите дека државно земјиште во фабриката „Треска“ „тајно“ се продава, за да се дооформат парцелите на сопствениците.

До медиумите во неколку наврати изминативе денови се обратија и сопствениците на парцелите во фабриката „Треска“, кои упатија серија на обвинувања до „Шанса за Центар“, но и предупредија дека оваа локација е темпирана еколошка бомба.

„Лага е дека 47% од земјиштето кое е државно ќе се распродава. Одговорно тврдиме дека државното земјиште останува државно, а за додоформување на имотите има уште 15% и тоа се прави согласно законот. Сè останато е во државна сопственост и спаѓа во делот на улиците, тротоарите и други јавни површини“, се вели во соопштението од 23 март од групата на сопственици на градежни парцели во „Треска“.

Тие тврдат дека како сопственици на имотите во комплексот ќе направат и парк со големина над 9.400 квадрати, како и дополнителни зелени површини од 20 отсто, иако истите не се ни воопшто предвидени со актуелниот ДУП.

На 8 април годинава, со соопштение се јавија и т.н. Група жители на опфатот „Треска“, претставници на работничките станови, кои до медиумите испратија предупредување до јавноста дека „Треска“ е темпирана еколошка бомба.

Тие биле поттикнати да се јават, како што се вели во соопштението, по состанокот на Партиципативното тело за „Треска“. Тврдат дека ова тело четири години го опструира развојот на овој предел и се револтирани што постојано една група поединци нема слух за нехуманите услови во кои тие со децении живеат.

„Старата фабрика „Треска“ е темпирана еколошка бомба и веќе години наназад претставува огромен безбедносен ризик за нас жителите кои живееме во бараките на потегот „Рузвелтова“ и улицата „Владимир Полежановски“. Целиот простор со години е дувло за бездомници и наркомани, а нашите бараки се мета на разбојништва, кои и покрај интервенциите на полицијата, продолжуваат да се случуваат практично секој ден. Постојано живееме во страв, не само за нашата материјална безбедност, туку и за безбедноста за нашиот живот, бидејќи на овој простор често доаѓа и до пожари поради крадење и палење на електричните кабли“, се наведува во нивното соопштение од 8 април годинава.

По денешниот пожар во фабриката „Треска“, останува на полицијата и другите истражни органи да утврдат на кој начин настанал пожарот и колкава е материјалната штета од истиот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

цук

Рекорден број повици на единствениот повикувачки број за итни случаи

Кон Полиција биле упатени 40,51 отсто, кон Итната медицинска помош 17,61 отсто, a кон пожарникарите …