Вучиќ: Избори во Србија на 17 декември

Вучиќ: Избори во Србија на 17 декември

Српскиот претседател Александар Вучиќ во синоќешното интервју на ТВ Прва најави дека на 17 декември во Србија ќе се одржат избори.

„Ќе има парламентарни, белградски и регионални избори за Војводина“, рече Вучиќ и додаде дека на тој начин ја исполнува желбата на опозицијата.

Вучиќ информира дека изборите мора да ги распише до 2 ноември за да се одржат на 17 декември.

Тој рече и дека локални избори ќе се одржат во околу 60 општини, во зависност од тоа дали и колку оставки ќе дадат градоначалниците на тие општини.

Според него, важно е тие да се одржат за граѓаните да се изјаснат.

Вучиќ го коментираше и писмото на опозицијата, адресирано до високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во кое бараат да се воведат санкции за Вучиќ поради конфликтот во Бањска. Toj рече дека „не е пристојно, не е морално, не е нормално“.

Вучиќ ги повика претставниците на Србите на северот на Косово да иницираат одржување нови избори во четири општини на северот на Косово.

Во однос на дијалогот со Косово, тој рече и дека е важно Србија да се обиде да го продолжи дијалогот „иако нема суштински дијалог“.

Прочитајте повеќе

Плажа

Грција со дронови во борба против пренатрупаните плажи

Целта на апликацијата и патролите со беспилотни летала е да се запре нелегалното поставување чадори …