Вучиќ

Вучиќ слави победа, опозицијата бара поништување на изборите во Белград

„Србија против насилството“ ги повика граѓаните на Белград во 18 часот да протестираат против, како што велат, кражбата на изборната волја, пред Градското собрание (Старата палата), од каде ќе се упатат кон седиштето на Републичката изборна комисија

Додека владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ ја слави победата на парламентарните избори во Србија, опозицијата ја обвини српската власт за кражба на изборната волја на изборите во Белград, побара поништување на локалните избори во главниот град и ги повика граѓаните на протести.

Мнозинство на вчерашните парламентарни избори во Србија, доби листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да застане“, која освоила 47,21 отсто од гласовите, соопшти тамошната Републичка изборна комисија (РИК), а пренесува „Н1“. Ова се резултати добиени врз основа на обработените 7.612 избирачки места од вкупно 8.273.

„Следува листата „Србија против насилството“ која освоила 22,86 отсто од гласовите, потоа Социјалистичката партија на Србија – 6,67, додека на изборната листа „Надеж за Србија“ има 4,94 отсто. Следна листа е „Ние – гласот на народот – Бранимир Несторовиќ“ со 4,63 отсто, додека Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски – Бошко Обрадовиќ имаат 2,8 отсто од гласовите“, соошти РИК.

Во однос на покраинските избори, на 1.605 од 1.776 обработени избирачки места, листата на СНС освоила 48,75 отсто од гласовите.

На второ место се најде листата „Србија против насилството“, која на парламентарните избори освои 22,91 отсто од гласовите, додека на покраинските избори освои 20,19 отсто од гласовите.

Изборната листа на Ивица Дачиќ, е трета по бројот на гласови на парламентарните избори, со 6,66 отсто. На покраинските избори оваа листа освои 5,17 отсто.

Во меѓувреме, српските медиуми објавуваат дека опозициската коалиција „Србија против насилството“ бара поништување на изборите во Белград и дека ги повикува граѓаните на протест.

„Врз основа на 81 процент од преброените гласови во Белград, листата на СНС има 21.000 гласови повеќе од нашата листа Србија против насилство“ соопштија од коалицијата „Србија против насилство“.

Од опозицијата обвинуваат дека власта во Белград организирано донела над 40.000 луѓе без легален престој за да ја поддржат листата на СНС, со што драстично се променила изборната волја на граѓаните на Белград.

„Бараме поништување на изборите и повторување на гласањето за градското собрание“, реагираа тие.

Тие ги повикаа граѓаните на Белград во 18 часот да протестираат против, како што велат, кражбата на изборната волја пред Градското собрание во Белград, од каде ќе се упатат кон седиштето на Републичката изборна комисија на улицата „Крал Милан“.

Синоќа претседателот на Србија и член на СНС, Александар Вучиќ изјави дека листата „Србија не смее да запре“ освоила несомнено најмногу гласови на локалните избори во Белград. Тој рече дека е сигурен оти Александар Шапиќ ќе остане градоначалник на Белград.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Дали Србија чека шанса да го окупира северот на Косово?

Србија се вооружува, а нејзиниот претседател го фали трпението на Азербејџан кон Нагорно Карабах, пишува …