За Центар и Карпош есенва не се мери аерозагадувањето со ПМ 2,5 честички, Лисиче со мистериозни податоци [инфографик]

За Центар и Карпош есенва не се мери аерозагадувањето со ПМ 2,5 честички, Лисиче со мистериозни податоци [инфографик]

Сезоната на аерозагадување во Скопје почна, а податоците од мерните станици за Центар и Карпош за ПМ 2.5 честичките ги нема во месечните извештаи на Министерството за животна средина и просторно планирање. За октомври и ноември 2022 година нема податоци за најопасните загадувачки честички, додека за традиционално најзагаденото место во Скопје – мерната станица Лисиче, мистериозно за двата месеца се објавени идентични резултати за присуството на ПМ 2.5 и ПМ 10 честички, што е невозможно да се случи при мерењето и очигледно дека е направена грешка во самиот извештај.

Поради непостоењето на релевантни податоци за аерозагадувањето во Центар, Карпош и Лисиче за есенва, а сето ова се случува во период кога еколошките здруженија и граѓанските организации предупредија на опасноста од зголемени концентрации на загадувачки честички годинава, Мета.мк се одлучи да ги анализира податоците од другите мерни станици во Скопје. Податоците и за октомври и за ноември 2022 година покажуваат дека загадувањето на воздухот во Скопје се зголемило во споредба со истиот период од минатата година.

Надминување на граничните вредности од 25 микрограми на кубен метар за ПМ 2.5 честичките се забележани уште во октомври годинава на мерните станици Ректорат и Гази Баба. Дури 23 од вкупно 31 ден од октомври 2022 се регистрирани опасни среднодневни вредности на ПМ 2.5 честички кај Ректорат од над 25 микрограми на кубен метар, додека истиот месец лани вакви загрижувачки мерења се забележани само 17 дена во месецот.

За Центар и Карпош есенва не се мери аерозагадувањето со ПМ 2,5 честички, Лисиче со мистериозни податоци [инфографик]

Просекот на ПМ 2.5 честички за октомври 2022 година на мерната станица Ректорат бил 31,5 микрограми на метар кубен, додека во идентичниот период лани просекот за цел месец изнесувал 29,9 микрограми на метар кубен.

Речиси идентични податоци за годинава во споредба со лани се добиени во однос на мерењата во населбата Гази Баба. Годинава 14 дена од октомври е регистрирано надминување на среднодневните гранични вредности од 25 микрограми на метар кубен за ПМ 2.5 честичките, додека лани енормно загадување со овие загадувачки супстанци имало во текот на 15 од вкупно 31 ден од месецот.

Мерната станица во Гази Баба, според месечните извештаи на Министерството за животна средина и просторно планирање, во октомври 2022 година покажува просек од 25,4 микрограми на метар кубен, додека лани истиот период среднодневните концентрации на ПМ 2.5 честички биле 26,7 микрограми на метар кубен.

Слични податоци за зголемено загадување на воздухот во Скопје е забележано и во текот на ноември 2022 година. Просечните вредности на ПМ 2.5 честички за ноември 2022 година на мерната станица Гази Баба бил 39,1 микрограми на метар кубен, додека во идентичниот период лани просекот за цел месец изнесувал 38,6 микрограми на метар кубен.

За Центар и Карпош есенва не се мери аерозагадувањето со ПМ 2,5 честички, Лисиче со мистериозни податоци [инфографик]

Опасно загадување со ПМ 2.5 честички минатиов месец имало во дури 27 дена на мерната станица Гази Баба. Надминување на граничните вредности од 25 микрограми на метар кубен за ПМ 2.5 честички имало и во ноември 2021 година, но тогаш исклучително загаден воздух имало 22 дена во текот на месецот.

Од аспект на загадувањето на скопскиот воздух со ПМ 10 честичките, просечните вредности за октомври 2022 година кои произлегуваат од среднодневните вредности изнесувале 47,7 микрограми на метар кубен. Лани во октомври, просекот на загадување со ПМ 10 честичките бил помал и изнесувал 41,2 микрограми на метар кубен.

Дури 17 дена на мерната станица во Центар и 13 дена на мерната станица Ректорат била надмината 24-часовната гранична вредност за ПМ 10 честичките над дозволените гранични вредности од 50 микрограми на метар кубен. Најмало загадување со ПМ 10 честичките имало во Карпош, каде само два дена од ноември имало надминување на среднодневната гранична вредност на опасно присуство од овој загадувач во воздухот.

Веќе во ноември 2022 година, забележано е зголемување на просечните вредности на аерозагадувањето во Скопје. Просекот со ПМ 10 честичките во ноември 2022 година кои произлегуваат од среднодневните измерени вредности изнесувал 60,5 микрограми на метар кубен на мерната станица Ректорат. На идентичната локација минатата година, просекот за ноември за загадување со ПМ 10 честичките бил помал и изнесувал 58,4 микрограми на метар кубен.

Доколку се споредат податоците за аерозагадување со ПМ 10 честичките со ноември минатата година, може да се забележи дека годинава имало поголем број на денови кога се надминати граничните вредности на мерните станици во Центар, Гази Баба и Ректорат, додека речиси идентичен број на денови со големо загадување е регистрирано во Карпош, според податоците што се наоѓаат во месечните извештаи на Министерството за животна средина и просторна средина за октомври и ноември. 

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Времен режим на две делници на автопатот А1

Времен режим на две делници на автопатот А1

Во пресрет на продолжениот викенд Јавното претпријатие за државни патишта известува дека на одделни автопатски …