За упис во средно документите ќе се доставуваат и електронски и во оригинал

Учениците треба да ги скенираат или да ги фотографираат потребните документи за упис, а потоа во форма на Пдф или Јпг формат да ги прикачат заедно со пополнетата електронска пријава.

Вкупно околу 14.000 ученици кои годинава завршуваат деветто одделение, ќе треба да се запишат во средно образование, кое законски е задолжително. И годинава, како и лани, учениците ќе треба најпрво да аплицираат електронски, преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука (МОН), со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.

Првото пријавување на учениците ќе се врши на 20 јуни до полноќ, како и на 21 јуни до 15 часот.

„Минатата година кога имавме уписи, учениците требаше да ги скенираат или да ги фотографираат потребните документи, а потоа во форма на ПДФ или ЈПГ формат да ги прикачи заедно со пополнетата електронска пријава. Системот сам пресметува поени, откако ученикот ќе ги пополни сите оценки од свидетелствата. Предметите се веќе внесени, тие ги впишуваат само оценките. Потоа, кога кандидатите ќе ги донесат документите на увид, нашите членови од Комисијата за упис ќе си провери дали се документите веродостојни и дали се внесени во системот реалните оценки“, објаснува за Мета.мк Дејан Крстевски, помошник директор во средното стручно училиште „Владо Тасевски“.

Секој ученик при пополнување на пријавата за упис, треба да го внесе и својот матичен број, за да се оневозможи еден ученик да аплицира и во друго училиште.

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни. Ранг-листата на запишани ученици во првиот уписен рок, се објавува на 22 јуни, на е-услуги, како и на веб-страницата на МОН, најдоцна до 09 часот.

„Доставувањето на потребната документација во училиштата е на 22 јуни, од 12 до 19 часот, како и на 23 јуни од 07 до 19 часот. Конечната ранг листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 24 јуни, најдоцна до 12 часот на огласната табла на училиштето и на веб-сајтот на МОН“, наведено е во Конкурсот за упис во средно образование.

Во оние училишта во кои ќе се пријават поголем број кандидати од предвидени места со успех од 5,00, се организира квалификациско тестирање, со кое се врши селекција. Тоа тестирање се организира во училиштата за средно образование на 26 јуни, а конечните ранг-листи со резултатите ќе се објават на 26 јуни.

Минатата година, во скопската гимназија „Орце Николов“, за 285 слободни места, во првиот уписен рок се пријавија 353 ученици, а од нив, дури 337 беа со просечен успех 5,00. Поради тоа, кандидатите беа тестирани на квалификациски тест оти не можеше сите пријавени да бидат примени.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДПМНЕ блокира грант од 14 милиони евра, ја кочи реализацијата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка

Прес-конференција на Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ Почитувани, Пратениците од опозициската ДПМНЕ блокираат закони кои …