Езерото и реката Треска денес – грозотии од расфрлано ѓубре и разурнати објекти [фото]

Езерото и реката Треска денес – грозотии од расфрлано ѓубре и разурнати објекти [фото]

Општината Сарај во 2021 година ги сруши сите објекти кои беа лоцирани во овој рекреативен центар, под изговор дека ќе се реализира огромна инвестиција од минимум 200 милиони евра. Но, денес на локацијата има единствено рушевини, испразнето езеро и десетина диви депонии.

Никогаш погрозно и потажно во историјата не излегале реката и езерото Треска. Десетина диви депонии по крајбрежјето на реката Треска околу селата Сарај и Шишево ги загадуваат речните води со најразновиден отпад, додека рушевините од некогашните објекти на езерото Треска до денешен ден го гнасат локалитетот којшто е испразнет од посетители. Само залутани странци кои одат кон Матка и понекој жител од соседните села може да се избројат како ретки посетители на некогашниот популарен рекреативен центар.

Фрапантниот “пејсаж” кој потсетува на земјите од супсахарска Африка започнува веднаш штом се сврти со автомобил од локалниот пат за Матка кон езерото Треска. Расфрланиот најразновиден отпад започнува да владее со околината од двете страни на патот и на некогашниот паркинг пред езерото. Одамна до овој рекреативен центар не сообраќа градски автобус, а за посетителите е исклучително важно да се напомене дека глутница од кучиња владее со делови од теренот, така што посета поразлична од онаа со автомобил не е препорачлива.

Штом се стигне до капијата на езерото Треска, јасно може да се види знак на јавното комунално претпријатие „Сарај“, што пак значи дека токму тоа е одговорно за управување и одржување на чистотата во рамките на некогашниот рекреативен центар.

Во јануари 2021 година, Општина Сарај започна со рушењето на сите објекти кои беа лоцирани во овој рекреативен центар. Бунгаловите, тоалетите, рестораните, гардеробите и сите други градби тогаш беа срамнети со земја, под изговор дека ќе се реализира огромна инвестиција од минимум 200 милиони евра за да никне нов спортско-рекреативен центар на оваа локација.

ОПШТИНА САРАЈ ПОЧНА ДА ГИ РУШИ ОБЈЕКТИТЕ ВО КРУГОТ НА ЕЗЕРО ТРЕСКА (ГАЛЕРИЈА)

Навистина, градоначалникот на Сарај Блерим Беџети на 29 јануари 2021 година го претстави и новиот Детален урбанистички план за ревитализација на езерото Треска, кој се состои од четири блока со површина од над 37,3 хектари. Тој вети дека ќе се пронајде инвеститор, кој на локацијата ќе изгради хотелски комплекс, голем трговски центар со отворен пазар, викенд куќички, базени, тобогани, шатори, соблекувални и разновидна опрема за рекреација на деца и возрасни.

ПОРТАЛБ: ОПШТИНА САРАЈ ГО ПРЕТСТАВИ ДУП-ОТ ЗА ЕЗЕРО ТРЕСКА, БЕЏЕТИ ТВРДИ ТРЕСКА ЌЕ СТАНЕ ВИСТИНСКА АТРАКЦИЈА

Неколку дена пред презентацијата на новиот ДУП, Општината Сарај им даде рок на сопствениците на стотици камп приколки во кругот на езеро Треска да ги отстранат привремените објекти, бидејќи дотогашните корисници изградиле цврсти градби, што не е дозволено со закон.

Посебна тажна слика е испразнетото корито на вештачкото езеро Треска, во кое се израснати растенија, а доколку продолжи ваквата негрижа, наскоро во него може да се очекуваат и дрвја што ќе го разјадат бетонот, наместо вода за капење.

Директно одговорни за грижата за езерото Треска, кое со одлука на владата на Никола Груевски во 2013 година беше префрлено на управување од Градот Скопје на Општина Сарај, се општинските власти, но и скопската градска власт со која ја делат заедничката одговорност за одржување на чистотијата долж течението на реката Треска. Всушност, најголемите количества на отпад се рафрлани токму околу пречистителната станица за отпадни води, лоцирана пред влезот во езерото Треска.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска и во нејзината предизборна програма најавуваше расчистување на дивите депонии во првите 82 дена од доаѓањето на функцијата во Градот Скопје. Токму градските власти на 26 јануари 2022 година најавија целосно чистење на локацијата околу езеро Треска на површина од 10.000 метри квадратни.

Градоначалничката Арсовска тогаш вети и постојани контроли и инспекциски надзор кој „ќе продолжи да биде секојдневна активност на Градот Скопје“ за да се спречи повторното трупање отпад на оваа локација, но повеќе од очигледно е дека ваквите контроли и инспекциски надзори не успеаја да ги спасат реката и езерото Треска од ѓубрето.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи …