Забраните и казните се „угушија“ во чадот на цигарите

Забраните и казните се „угушија“ во чадот на цигарите

Како земја која што има најниски цени на цигари во регионот и во Европа, се чини дека тутунот е лесно достапен за секого. На забраната за пушење во затворени простории како да заборавија сите.

Северна Македонија е лидер во Европа по потрошувачка на цигари.Половина од возрасните луѓе во Македонија (48,4%) пушат, што е далеку над ЕУ просекот за употреба на тутун (29%). Просечен Македонец пуши во 20 цигари дневно, а во прилог на ваквата зависност е тоа што земјата има најниска цена на цигари во регионот и Европа – 1,7 евра за пакување од 20 цигари. Како земја која што има најниски цени на цигари во регионот и во Европа, се чини дека тутунот е лесно достапен за секого. На забраната за пушење која што беше најригорозно на сила од 2010 до 2018 година, како да заборавија сите.

Цигарите се вратија на голема врата во баровите, ноќните клубови, рестораните, а по нив посегнуваат не само помладите, туку се поголеми зависници стануваат и граѓаните на возраст од 45 до 54 години. Во период кога инспекторите повторно тропнаа на врата кај многумина за да ги потсетат за забраната за пушење во затворени простории, од Аналитика тинк-тенк за ДВ посочуваат дека има лепеза на мерки коишто би можеле да ја намалат зависноста на Македонците од тутун, а во исто време ефектите би се почувствувале и со дополнително слевање на пари од акцизите во државниот буџет.

Инспекции и казни 

Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) неодамна информираа дека во рок од пет дена, (од 10 до 14 јануари), направиле вкупно 200 инспекциски надзори на територијата на целата држава, при што изрекле 56 казни за пушење во затворени објекти. Оваа информација само потврдува дека масовно се пуши насекаде и ретко кој ги почитува законите, а уште помалку се води грижа за здравјето на непушачите. Контролите се спроведени поради зголемениот број на пријави од страна на граѓаните за пушење во јавните простории. Согласно законите, пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично).

Непочитувањето на членот 2 и 3 од Законот за заштита од пушењето предвидува казна од 2.000 до 4.500 евра за правното лице, за одговорното лице од 500 до 1 000 евра, а физичкото лице што ќе биде фатено како пуши во затворен објект предвидена е парична казна од 100 до 300 евра.

Кога контроли редовно би се спроведувале и би биле изрекувани казни, веројатно и ефектите од законот би биле поинакви. Граѓаните сметаат дека зависноста може да се сузбие ако се намали ако продажбата на тутунски производи и пушењето се забранат со закон, но и доколку се покачи цената на цигарите.

Од Аналитика укажуваат дека е неопходно да се врати примената за Законот за заштита од пушење во 2010 година, бидејќи кога беше воведена забрана за пушење во сите јавни затворени простории, значително се намалила потрошувачката на цигари.  „Ова го потврдува фактот дека политиките за контрола на тутунот се важни детерминанти на потрошувачката на тутунски производи“, посочува Бојана Мијовиќ Христовска од Аналитика.

Ниска цена – голем проблем 

Анализите на овој тинк-тенк, кој заедно со Универзитетот Илиноис од Чикаго спроведе големо регионално истражување за употребата на тутунот, уште во 2020 годинa покажаа дека земјата е лидер во регионот по потрошувачка на цигари по најниска цена и многу малку се прави за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, покачување на акцизите или за кампањи за подигнување на јавната свест.

Просечната цена на кутија цигари во Северна Македонија е 1,7 евра, во регионот на ЈИЕ е околу 2,1 евро, додека европското ниво е 4,9 евра, што го потврдува фактот дека станува збор за држава со најниски цени на цигари во регионот.

Од Аналитика сè уште стојат на ставот дека оданочувањето на тутунот е една од најефикасните алатки за намалување на потрошувачката на тутун (зголемената акциза резултира во намалување на консумирањето тутун во сите земји од ЈИЕ) и ќе резултира во силно зголемување на јавните приходи во буџетот.

„Македонија има најниското даночно оптоварување во регионот – 71,9% , додека според СЗО даночното оптоварување треба да 75%. Истражувањето покажува дека со зголемување на цената на тутунски производи за 50% (а акцизата за 94,8%), потрошувачката на истите може да се намали за 19,2%, додека истовремено ќе се зголемат приходите од акциза на тутунски производи за околу 100 милиони евра“, посочува за ДВ Мијовиќ Христовска

Ова би предизвикало дополнителни заштеди во здравствениот систем. Зголемувањето на акцизата нема да има социјално регресивна димензија, при што побогатите многу повеќе ќе го сносат дополнителниот даночен товар.

Северна Македонија има најниска стапка (1,8%) на нелегална трговија со цигари во регионот. Само една од 10 цигари е купена на црн пазар.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Работната група на Советот за човекови права на Обединетите Нации (ОН), денеска (2 мај) во …