Задржувањето на европската ориентација на Владата е клучно за успешно вградување вредности и стандарди во системот

На панел дискусијата „Демократија, правда, ефикасност – реформски процеси за клучни европски вредности и стандарди“, која се одржа на првиот ден од Годишната конференција на Владата на Република Северна Македонија „Година на европски можности“, учествуваа Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Викторија Аврамовска Мадиќ, заменичка на министерот за правда и д-р Јетон Шасивари, професор по уставно право на Универзитетот на ЈИЕ. Дискусијата посветена на реформските процеси и владеењето на правото ја модерираше Миша Поповиќ, раководител на центарот за добро управување при Институтот за демократија Социетас Цивилис.

„Политиките на добро владеење се приоритет во барањата на ЕУ и на останатите меѓународни партнери. Станува збор за вредносен систем и начин на функционирање за да може сите останати политики успешно да се имплементираат“, изјави вицепремиерката Грковска и дополни дека со самото формирање на посебен кабинет за овие политики, Владата покажа дека е свесна за потребата од нивно вградување во системот. „Промените не одат брзо и преку ноќ, ова се политики и насоки за воведување вредносен систем, кои треба да го продолжат и наредните влади“, истакна Грковска.

Таа посочи дека со новата Стратегија за транспарентност на Владата продолжуваат напорите за јакнење на проактивната транспарентност, како продолжение на изработеното Упатство со кое институциите се обврзаа самите да ги објавуваат информациите кои граѓаните најчесто ги бараат. Зголемената свест за овие прашања придонесува за поголем јавен притисок и промена на менталитетот.

Грковска се осврна и на воспоставениот процес на преобмислување на управувањето, што е директна политика за добро владеење, и кој треба да продолжи затоа што тоа значи воведување на индикатори за успешност во спроведувањето на владините програми, а со тоа и поголема ефикасност.

Во однос на дигиталната трансформација, таа изјави дека е усвоен Концептот и соодветниот Патоказ за дигитална трансформација и изрази жалење што поради ограниченото време, не се реализираше докрај планот за воведување електронска лична карта, како основна алатка за пристап на граѓаните до дигитални услуги.

Грковска истакна дека благодарение на соработката на повеќе институции се изработија стратегии и закони од суштинско значење и како позитивен пример на меѓуинституционална соработка го истакна Националниот совет за дигитална трансформација и Меѓуресорското тело за координација на институции надлежни во борбата со корупцијата, што како пракса треба да продолжи и во иднина, затоа што, како што истакна таа, кога станува збор за борбата со корупцијата и организираниот криминал, никогаш не може да кажете дека има само еден човек или институција надлежна за тоа.

Заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ се осврна на Стратегијата за развој на правосудниот систем (2024-2028), за која истакна дека претставува патоказ за наредните пет години за враќање на довербата на граѓаните во судството. Таа посочи дека иднината на нашата држава зависи од развојот на судството затоа што без напредок на тој кластер не може да се водат преговори.

„Ова е стратешки документ кој се донесува заради утврдување, планирање и спроведување на политиките за натамошен развој на првосудниот систем. Покрај прашањата поврзани со судството, Стратегијата предвидува и низа мерки во други области кои се значајни за извршување на функциите на правосудниот систем и ефикасно остварување на правата на физичките и правните лица пред правосудните органи. Стратегијата во целост е усогласена со препораките на Оценската мисија за Судскиот совет. Во неа се предвидени активности за зајакнување на изборот, дисциплинската постапка и разрешувањето на судиите и јавните обвинители. Предвидени се реформи и во изборот, одговорноста и разрешувањето на претседател и членови на Судскиот совет“, рече Мадиќ и дополни дека таа предвидува измени на Законите за Совет на јавни обвинители, за судови и за јавно обвинителство,целосно функционални АКМИС систем и систем за управување со предмети во јавни обвинителства. Сето тоа, рече Мадиќ, треба да обезбеди зајакнување на капацитетите, ефикасноста и ефективноста на правосудните институции.

Според универзитетскиот професор Јетон Шасивари, најголем проблем во општеството е враќањето на довербата на граѓаните во правосудството. Тој истакна дека имаме добри закони, но има злоупотреба на нивната имплементација. Во демократските држави, посочи Шасивари, судската власт е прва и таа врши контрола над сè и сешто. „Уверен сум дека оваа Влада има капацитет и можности да ги спроведе реформите со што ќе се спроведе начелото на владеење на правото. Владата треба да ја задржи ориентацијата за европска иднина и со таквиот јасен курс, убеден сум дека во блиска иднина ќе ги имаме сите потребни резултати како држава, како граѓани, како општество. Таму се вредностите, демократијата, владеењето на правото и сите познати стандарди на ЕУ“, истакна Шасивари.

Прочитајте повеќе

Бочварски: Инвестираме 20 милиони евра за изградба на патниот правец Извор – Гарски Мост, ги поврзуваме Дебар и Кичево

Претседателот на Владата, Талат Џафери, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик министерот за …