Заев на отворањето на Кардиоваскуларниот центар во ГОБ „8.Септември“: Беспрекорни услови за пациентите да добијат квалитетни здравствени услуги

Заев на отворањето на Кардиоваскуларниот центар во ГОБ „8.Септември“: Беспрекорни услови за пациентите да добијат квалитетни здравствени услуги

Во пресрет на празникот 8 Септември – Денот на независноста, патрониот празник на Градската општа болница „8-ми Септември“, во оваа јавна здравствена установа отпочна со работа новиот Кардиоваскуларен центар.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружен од министерот за здравство Венко Филипче и заедно со директорот на Градската општа болница „8.Септември“, д-р Христијан Костов, денеска присуствуваа на отворањето на Кардиоваскуларниот центар и по разгледување на просториите дадоа изјава за медиумите.

Во продолжение, ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Зоран Заев.

„Драго ми е што по повод големиот национален празник, големиот државен празник „8. Септември – Денот на независноста“, патрониот празник на нашата градска болница во Скопје „8. Септември“, сме овде за да го отвориме Кардиоваскуларниот центар.

Иницијативата Владата да поддржи, преку Министерството за здравство, преку Фондот за здравство, болницата тоа да го спроведе е заради тоа што се работи за еден вид на болести коишто се присутни и потенцијални кај сите граѓани. Кардиоваскуларните болести, како што рекоа стручните луѓе, се навистина врзани со времето, со брзината и соодветната интервенција. Секоја нова здравствена установа којашто ќе може да биде брз сервис на граѓаните, дефинитивно ќе биде од помош за лечењето на кардиоваскуларните болести, срцевите удари.

Овој центар дефинитивно ќе ги надополни досегашните центри. Најголемиот капацитет е Клиниката за кардиологија. Постојат насекаде низ градовите, постои еден дел и во Здравствен дом Скопје, но Градската болница навистина го опслужува градот, а ја опслужува и цела Република Северна Македонија.

Јас верувам дека овој модерен центар ќе биде достапен на граѓаните и ќе ги намали и чекањето и малтретирањата на граѓаните и пациентите, барајќи начин како да се лечат при кардиоваскуларни болести.

Продолжуваме во здравството со сите политики коишто дефинитивно ќе го подигнат нивото на здравствените услуги. Во моментов знам дека се распишани постапки за реновирање на скоро сите здравствени установи, на тоа што значи ходници, тоалети и сето тоа што е составен дел од времето што пациентите го поминуваат во нашите здравствени установи. Треба да биде попријатно. Распишани се постапки за опремување на повеќе од 34 здравствени институции во државата, голем дел на тендерски постапки се објавени за дополнително квалитетно здравство за граѓаните.

Продолжуваме со мотивацијата на лекарите и здравствените работници преку зголемувањето на платите. Знаете дека силен фокус имаме на постапката за изградбата на новиот Клинички центар за сите граѓани, во делот на терцијарното здравство коешто е многу важно за сите граѓани.

Ја користам приликата, прво секако на вработените, на медицинскиот персонал, на лекарите од „8. Септември“ да им го честитам патрониот празник, 8. Септември – Денот на независноста, а секако и на сите граѓани.“

Прочитајте повеќе

Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Обвинителство: Врховниот судија Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Јавен обвинител предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, …