Заев на средба со делегацијата на Европската инвестициона банка: Целосната поддршка за Северна Македонија е признание за досегашните проекти и охрабрување за сите идни

Заев на средба со делегацијата на Европската инвестициона банка: Целосната поддршка за Северна Македонија е признание за досегашните проекти и охрабрување за сите идни

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, ја прими делегацијата на Европската инвестициона банка (ЕИБ) чии претставници денеска зедоа учество на меѓународната конференција „Економско заздравување и раст по Ковид” во организација на Министерството за финансии.

Премиерот Заев на средбата ја истакна исклучителната соработка со ЕИБ во делот на поддршката на капиталните инвестициски инфраструктурни и други проекти кои се комплементарни на реформските политики на Владата во вкупните заложби во процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Оваа поддршка, рече премиерот Заев на средбата, е признание за сите досегашни инвестициски проекти на земјата и охрабрување за сите идни, меѓу кои со свој приоритет се издвојуваат дигитализацијата, проектите за енергетска транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија, како и гасификацијата и реализацијата на започнатите проекти на Коридорот 8.

Заедничка заложба на Владата и на ЕИБ, беше речено на состанокот, остануваат проектите за поддршка на развојот на локалната самоуправа особено во делот на водоснабдувањето и во системот за пречистителни станици за отпадните води.

На состанокот на премиерот Заев и заменик-претседателот Битиќи со претставниците на ЕИБ беше истакнато дека од заеднички интерес во иднина се проектите поврзани со „Зелената агенда“ на ЕУ, континуитетот на поддршката на малите и средни претпријатија со поволни кредити преку Банката за развој на Северна Македонија како и поддршката за реформа на институционалниот систем за заштита и спасување за да се минимизираат максимално ризиците од климатските промени.

Од страна на делегацијата на ЕИБ, што ја предводеше заменик-претседателката на банката Лилјана Павлова беше истакнато дека групацијата ЕИБ е сигурен партнер за Северна Македонија – со над 900 милиони евра потпишани заеми и повеќе стратешки инвестиции.

Павлова ја потврди целосната поддршка на ЕИБ кон Северна Македонија и регионот во постигнувањето на нивните цели и реформи во согласност со политиките на ЕУ и Стратегијата за проширување на ЕК, и додаде дека оваа финансиска институција на ЕУ е подготвена да обезбеди целосна поддршка за да ѝ овозможи на земјата максимална корист од Економскиот и инвестициониот план на Европската комисија со вкупна вредност од 30 милијарди евра за стратешки проекти во целиот регион.

Прочитајте повеќе

пожари стрништа ниви

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може …