Заев по изборот: Нов демократски исчекор, членовите испишаа историја, СДСМ е прв во промените, следува нова политика

Заев по изборот: Нов демократски исчекор, членовите испишаа историја, СДСМ е прв во промените, следува нова политика

Прес-конференција на претседателот на СДСМ, Зоран Заев

Почитувани,

За првпат во тридецениското постоење на плурализмот во нашава земја, токму членовите на СДСМ испишаа историја практикувајќи највисоко ниво на внатрепартиска демократија

Покажаната демократска свест и начинот на којшто се одржаа изборите ја позиционира СДСМ таму каде што и е местото, на врвот во внатрепартиската демократија во земјава и многу пошироко.

Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена.

Сакам да изразам огромна благодарност на членовите на СДСМ, за довербата која ми ја дадоа преку масовниот одsив на првите директни внатрепартиски непосредни избори за претседател.

Горд сум на сите мои другарки и другари социјалдемократи за демократскиот исчекор што го направија денеска. Денеска гласаа од најмладите до највозрасните наши членови. Гласаше целото наше членство од главниот град па се до најмалото населено место.

Вистинските државотворни партии ја имаат и одговорноста постојано да ја унапредуваат демократијата и слободата, и во своите редови но и во татковината.

Им оддавам признание на сите членови кои излегоа на гласање но, и на Централната изборна комисија на СДСМ која во услови на пандемија со „Ковид-19“ успешно спроведе гласање, 100% безбедно за здравјето на сите учесници, со почитување на здравствените протоколи.

Нема поважна работа од заштита на здравјето на граѓаните.

За многу кус временски период доживеав за мене важни одлуки, укажани доверби.

Прво, довебрата од граѓаните на последните парламентарни избори и честа да ја водам Владата, да им служам на овој народ и на оваа прекрасна земја.

Доверба искажаа и пратениците, во највисокиот законодавен дом, Собранието.

Денеска, македонските социјалдемократи ставија свој потпис и печат на нивната доверба во мене.

Епилог кој е само уште еден доказ за тесната поврзаност меѓу вербата и довербата. Мојата верба во Вас, во граѓаните, вербата во СДСМ и вербата во визијата за напредна и просперитетна татковина. Вербата носи доверба.

Таквата доверба ниту се изнудува, ниту се купува, ниту се сведува на еднократна употреба и голи интереси. Таа доверба, едноставно се заслужува. Ви благодарам!

Почитувани членови,

Ја примив вашата порака.

Укажувањето на честа по трет пат да ја извршувам должноста, да бидам прв меѓу еднаквите во мојот СДСМ. Гласаа денеска 61.977 членови, од кои 60.840 гласаа ЗА, а 888 гласале ПРОТИВ и 249 беа неважечки ливчиња, излезноста беше 90%.

Чувствувам голема одговорност и обврска да ги оправдам Вашите очекувања. За СДСМ, но и за нашата татковина.

Се обврзувам пред вас, ќе сторам се’ достојно да ја предводам СДСМ и во наредниот период. И во следните четири години СДСМ да остане одлучувачка сила и моќен погон, локомотива кој ќе го движи целото општество напред и само напред!

Драги мои сопартијци,

Денес со право сте горди, бидејќи заедно испишавме историја! Во годината во која одбележуваме 30 години од независноста на државата, СДСМ е повторно прв во промените!

Ние уште еднаш потврдуваме дека сме првата партија во реформите, модернизирањето и унапредувањето на севкупните демократските процеси.

СДСМ ја подигна својата внатрепартиска демократија на највисоко ниво.

Правото не секој член слободно и демократски да гласа ЗА или ПРОТИВ изборот или реизборот на претседателот на партијата не е само врвен демократски дострел, туку предвесник на промените на менталитетот на македонскиот политички плурализам.

Пристигнува пролетта, а велат дека таа е најубавото годишно време во годината, кое носи нови промени и значајни нешта.

Трите пролетни месеци: март, април и мај ги одбележуваме со значајни поглавја во нашето постоење и делување.

Еве, во март се случја први директни внатрепартиски избори. Во април без многу помпезности ќе го одбележиме јубилејот-30 години СДСМ, а во мај не очекува и новиот конгрес.

Почитувани граѓани,

Ја користам приликата, во првите мигови од мојот реизбор за Претседател на СДСМ уште еднаш јавно да се обврзам: следува НОВА ПОЛИТИКА.

Доаѓањето на пролетта го означува почетокот на нашата ПРОЛЕТНА ОФАНЗИВА ЗА НОВ ПРЕСВРТ НА ПОЛИТИЧКОТО ДЕЛУВАЊЕ НА СДСМ И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА.

Следува сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, ќе внесеме нова енергија во нашите редови, ќе ги отвориме вратите за сите оние кои се блиски до социјалдемократските идеи, ќе ја продлабочиме започната борба против високата корупција и организираниот криминал и ќе ја креваме мотивацијата на нашите граѓани.

СДСМ ќе продолжи да се менува за уште подобро да им служи на граѓаните.

Сите заедно ќе продолжиме по патот кои заедно започнавме да чекориме. Станаваме полноправна членка на НАТО Алијансата, се движиме кон полноправно членство и во ЕУ. Продолжуваме да ја градиме нашата Татковина во дом за сите граѓани, просперитетна и европска земја.

Да живеат граѓаните!

Да живее СДСМ!

Да живее Република Северна Македонија!

Прочитајте повеќе

Сдсм знаме

Спасовски: Системски закони не се носат по брза постапка, пратениците на СДСМ ќе гласаат за симнување од дневен ред

Системски закони не се носат по брза постапка, пратениците на СДСМ ќе гласаат за симнување …