Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев преку видеообраќање го честиташе Меѓународниот ден на знаковниот јазик, 23 Септември.
Во продолжение Ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Заев:
„Денеска го славиме Меѓународниот ден на знаковниот јазик, користен од 72 милиони луѓе ширум светот. Одбележувањето на овој ден нè прави дел од прогресивните заедници во светот, афирмирачи на знаковниот јазик.
Нашата Влада, преку политиките за промовирање на можностите на граѓаните од заедниците на глуви и наглуви, го едначи знаковниот јазик со сите други говорни јазици.
Заедно со стручните лица и во соработка со Националниот Сојуз на глуви и наглуви лица влегуваме во поддршка на стандардизација на знаковниот јазик за што повеќе познавачи на овој јазик. Системски работиме да го имплементираме стручниот кадар кој користи знаковен јазик во предучилишното образование, во градинките. Затоа што инклузијата започнува од најраната возраст.
Во моите јавни настапи, секаде каде што е возможно вклучуваме знаковни толкувачи. И отворено повикувам оваа пракса да стане секојдневие кај сите функционери и општественици. Да го направиме сите заедно пристапот до информации што подостапен за нашите сограѓани со оштетен слух“.