Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вечерва во интервју за телевизијата Алсат-М одговараше на прашања поврзани со најновите настани во врска со недонесувањето на одлуката за добивање датум за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ, заради несогласувањето на Франција со тоа прашање, како и за идните чекори на патот на евроинтеграциите.
На прашањето на новинарот дали се чувствува измамен од Европската Унија, премиерот Заев рече:
„Јас реков дека ова ќе го носам како нова лузна на моето лице, како што ги носам лузните од непријатните настани, коишто се случија во Собранието. Секако, очекувавме Европската Унија да го исполни своето ветување, коешто за жал не го исполни. Рекоа дека направиле историска грешка. И јас така ја нареков таа постапка – историска грешка. Ветувањето беше многу прецизно многу постојано, многу континуирано како признание за тоа што нашата земја помина низ еден сериозен процес на реформи, заради двата договори со Бугарија и Грција “, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев искажа задоволство што сите 27 земји потврдија дека Северна Македонија е успешна и оцени дека за несогласувањето на Франција да се отворат преговорите со ЕУ со нашата земја, причината не сме ние.
За информациите дека постои иницијатива од Италија, да се врати прашањето за Северна Македонија на дневен ред веќе во ноември, на Советот за општи работи, премиерот Заев одговори:
„Сега јас малку ќе ‘закочам’ со мојата надеж и оптимизам. Нели бев најголем оптимист. Ние да си работиме, а тие дај боже побрзо да одлучат, да ги отворат поглавјата за нас, односно да ја донесат одлуката за почеток на преговорите“.
Премиерот Заев додаде дека веќе добил покана од италијанскиот премиер Џузепе Конте да се сретнат во вторник, на 29 октомври и ќе разговараат за оваа иницијатива која како што рече е подржана и од други премиери.
На прашањето како го коментира размислувањето на претседателот на Франција Макрон дека треба да земе предвид дека на некои од земјите кандидати за членство во ЕУ, наместо тоа може да им се понуди стратешко партнерство, претседателот на Владата на Република Северна Македонија истакна дека за нашата земја нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ.
„Ние нема да прифатиме друга дебата како на пример таа за стратешко партнерство, а не за членство. Можеме да учествуваме и сакаме да учествуваме во дебата за унапредување на пристапниот процес. Ние и самите тоа го правевме низ нашите процеси, низ процесите за ЕУ интеграции на другите земји од регионот. Големи се искуствата како придонес за дебата за методологијата за пристапување и од процесите како што е Берлинскиот каде што многу активно партиципираме. Зошто не е прифатлива идејата на претседателот Макрон? Ние ќе поминеме сигурно седум до осум години во процесот на преговори по поглавја. Тоа значи дека ќе станеме полноправна членка на ЕУ откако ќе се реформираме внатре, а за тоa ќе ни помогне пристапниот процес и затворањето на поглавјата“, нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека верува дека францускиот претседател Макрон ќе го прифати ова и ќе испрати охрабрувачки сигнал дека овој процес треба да го започнеме така како што досега е договарано.
„Тој сигнал не ми треба мене. Тоа ќе биде сигнал за нашиот народ. За да ја задржиме и да ја одржуваме мотивацијата. Таа мотивација мора да ја задржиме и од поддршката на 27 земји членки на ЕУ кои имаа кристално чист став дека сме заслужиле отворање на преговарачкиот процес низ отворање на поглавјата за пристапување. И Данска и Холандија на крајот се согласија и тоа одговорно го тврдам. ЕУ останува посветена, иако поминува низ оваа дебата и таа треба да си ја решат внатре. И ќе ја решат. Искрено се надевам дека тоа нема да трае до мај“, потенцираше премиерот Заев во интервјуто за емисијата „360 степени“.