Заигра мечката во комшискиот двор, ќе заигра ли и пред нашата врата?

Заигра мечката во комшискиот двор, ќе заигра ли и пред нашата врата?

Пишува: Зоран Милошески

Да се стигне до врвот, привилегија е на малкумина. Задоволството да се биде блиску до облаците и на светот да се гледа од високо, бездруго, го јакне чувството на самодоверба, на недопирливост и семоќ. Но, ако освојувањето на височините е долго, мачно и бавно, приземјувањето знае да биде кратко, брзо и болно.

Така отприлика изгледа и градењето кариера и опстојувањето на политичката сцена на просечниот балкански политичар.

Долга е листата на претседатели на држави, премиери и други високи државни функционери од овие простори, кои од ѕвездите до трњето стигнале за час. Од обожувани и до небеса воспевани и воздигнувани патриоти и државници, преку ноќ станале омразени предавници и ништожници.

Во моментов не постои поадвекатен пример за кажаното од ситуацијата во која се наоѓа актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ.

Човек кој 9 години наназад од позиција на премиер и претседател на државата, прерасна во икона на српскиот народ. Некогашен радикал и десна рака на Шешељ, националист по потреба и демократ од нужда. Популист во највулгарната смисла на зборот, со рејтинзи кои рушеа рекорди. Политичар кој распишуваше избори кога ќе му се присака и на нив победуваше со разлика која ќе ја посака.

И бидејќи се’ во животот има крај, меѓу другото и самиот живот, истиот тој Александар Вучиќ денес се спрема да ја отпее лебедовата песна. Притиснат до ѕид од истите оние на кои, со нивна дозвола, една деценија им пркосеше, соочен со безалтернативниот „непристоен предлог“ кој за него, го прифатил или не, значи политичко самоубиство.

Се’ што до вчера добро правел, се заборавило. Се’ убаво што за него било кажано, се избришало. Кралот е мртов, да живее кралот!

Велат, кога мечката ќе заигра во дворот на комшијата, прашање е на денот кога ќе заигра и пред вашата врата.

Откако после 11-годишно опозициско чмаење се врати на власт, СДСМ ја имаше шансата да заседне на „Илинденска“ на подолг рок. Не дека и досегашните пет и пол години се за занемарување, но факт е дека можеше и мораше – и подобро, и повеќе. Онака како што за владејачкото мнозинство сега стојат работите, не се за машала.

Од првиот ден на формирањето на, тогаш, новото парламентарно мнозинство, неброено пати беше укажувано и алармирано на очигледните аномалии во начинот на кој социјалдемократите и интегративците ја практикуваат власта.

Не постои никаква дилема дека она што Заев го постигна на полето на надворешната политика – пристапувањето на државата во НАТО и приближувањето до ЕУ, е неспорно и вредно за почит.

Исто како што на Ковачевски не може да му се негира конкретниот придонес во справувањето со економската и енергетската криза, ниту пак да се занемарат искрената желба и огромните финансиски средства инвестирани во борбата за намалување на сиромаштијата.

Критичкиот акцент на нивното работење најчесто бил ставен во форма на предупредување дека ништо од сработеното, колку и да било добро и во функција на државата и граѓаните, не е гаранција оти Владата и тие како нејзини први луѓе, долгорочно ќе бидат омилени ликови меѓу „широките народни маси“.

Оти имајќи го предвид искуството од владеењето на некои други премиери и претседатели од Хрватска, Србија и Словенија, комбинирано со нашиот специфичен македонски менталитет, сите нивни заслуги, сето позитивно што го граделе и изградиле, може да биде срушено за миг.

Во тој контекст, не е занемарлива важноста на, наизглед, неважните ситници кои ја прават големата слика, сплетот од повремени несреќни околности, или пак ефектите од работата на организираниот опозициски фронт. Сето тоа може да има влијание во рушењето на личните и партиските рејтинзи, како и врз заминувањето на функционерите од големата сцена.

Меѓутоа, кога ќе дојде до идентификување и поистоветување на власта со третокласни политичари заседнати во првокласни кабинети и фотелји, со аздисани државни апаратчици, неспособни раководители, арогантни партиски функционери и злосторнички здружувања алчни за пари и моќ, тука веќе помош нема. Тоа, без исклучок, значи сигурно и неславно заминување на носечките владејачки партии во опозиција!

Она што подолго време е најсилен адут на власта и што на парламентарното мнозинство (сеуште) му дава каков-таков мир и сигурност во владеењето е – Христијан Мицкоски! Отсуството на неопходниот политички капацитет, неговата неспособност да ја организира, обедини и предводи опозицијата, да ги убеди Брисел и Вашингтон дека е спремен да ја преземе одговорноста за државата, го држи на „безбедна дистанца“ од влегувањето во „Илинденска“.

Со оглед на тоа што ваквите состојби нема да траат до недоглед, прашањето со кое најповиканите од „Бихаќка“ треба да расчистат, гласи: До кога ќе биде така?

Дека неповратно се изгубени години, изгубени се. Дека е забаено, забаено е. Ама дека е неспорен фактот оти и после се’, сите карти се во игра и дека СДСМ и натаму е власт во државава, исто така држи место.

Под услов, после пет и пол години, СДСМ да почне така и да се однесува. Како власт!

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …