Закани за бомби во руски стил: Целта е да се сее страв кај населението

Закани за бомби во руски стил: Целта е да се сее страв кај населението

Експертите оценуваат дека досегашните аларми за бомби во училишните објекти, трговските центри и институциите доаѓаат од Русија. Нивната цел е да сеат страв кај граѓаните во контекст на војната во Украина и вознемиреност за еден можен конфликт на северот на Косово, пишува Порталб.мк.

Северна Македонија, како и државите од регионот, во изминатиот период се соочува со закани за поставени бомби во јавни објекти и места. По секоја закана МВР ги евакуира граѓаните, но сѐ уште не може да ѝм влезе во трага на испраќачите на мејловите кои предизвикаа вистински хаос.

„Целта на заканите со бомби во Северна Македонија и во некои земји од регионот е да се зголеми стравот, особено психолошкиот страв, во контекст на војната во Украина и вознемиреноста за изолиран конфликт на северот на Косово. Целта на заканите е избрана од злонамерни чинители и тоа се мешаните етнички, културни и верски земји. Последните закани се нова кампања и промена во руско-српската психолошка дезинформациска стратегија на Западен Балкан“, вели експертот за меѓународна политика, автор и новинар, кој се фокусира на геополитичките и безбедносните прашања на Европа и на Балканот, Селим Ибраими.

Никола Дујовски, професор на Факултетот за безбедност, овие закани ги гледа како дел од хибридната војна што Русија ја води против земјите членки.

„Овие хибридни закани се дел од хибридната војна која Русија ја води против овој дел од светот. Не смее никој да има дилема во такво нешто. Најголем дел од овие закани јас ги гледам како дел од хибридната војна која Русија ја води против земјите членки на НАТО. Ако ние сме последна земја која се приклучи на НАТО, сè уште ранливи во фазата на размена на информации и затоа веројатно ние сме и целта на овие напади најмногу, повеќе од сите други држави. Можноста во овој момент да откриете од кое точно место во Русија се испраќаат овие закани е еднаква на нула“, вели Дујовски за Teлма.

И Ибраими смета дека методите на заплашување имаат логична поврзаност со досегашните руски техники кои во Западен Балкан се присутни уште од 2008 година.

Според него, во новата ситуација создадена во Источна Европа и на северот на Косово, трети земји и внатрешни политички играчи може да бидат заинтересирани да создадат нестабилна ситуација на Балканот и во Северна Македонија пред уставните измени.

„Русија продолжува да користи некои локални чинители во регионот за да влијае и да го зголеми стравот во конфликтните зони. Северна Македонија, поточно разузнавачките служби, треба да почнат да ги анализираат сигналите кои што лесно можат да ги добијат од телекомуникациските институции. Тука треба да се истакне одлучноста на државата за откривање кој стои зад заканите“, додава Ибраими.

За премиерот Димитар Ковачевски нема дилема дека се работи за хибридни напади врз државата и дека ова е еден монструозен чин. Дојавите за поставени бомби имаат за цел да ја дестабилизираат земјата и целиот регион, бидејќи такви случаи се регистрирани и во соседните земји.

„Овие хибридни напади се поради геостратешки или локални цели. Посебно зачестија по почетокот на воениот конфликт во Украина. На ваков тип на напади се изложени и Србија и Црна Гора, но има и во Нов Зеланд, САД, Канада и Германија“, изјави Ковачевски.

Тој оценува дека МВР не потфрлило во својата должност и покрај тоа што три месеци не може да го открие авторот или авторите на заканувачките пораки. Премиерот потврди дека пораките се испраќаат од странство и дека се работи за виртуелни приватни мрежи (VPN).

Од друга страна, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денес изјави дека Советот за координација на разузнавачките служби ќе ја испитува состојбата со заканите за бомби. Министерот изјави дека Секторот за меѓународна полициска соработка е во постојана комуникација со Интерпол и Европол.

Тој, исто така, рече дека заканите за поставени бомби се дел од хибридната војна што не се применува само кај нас.

„Информациите главно ги споделуваме со земјите од регионот кои добиваат вакви закани, Србија континуирано со години наназад, Црна Гора, Хрватска, Германија, САД, Нов Зеланд, но и многу други земји во овој период и текстот на пораките е речиси ист“, рече министерот Спасовски.

Од 26 октомври наваму лажните закани за поставени бомби се испраќаат редовно по неколку пати неделно, на почетокот до средните училишта во Скопје, па потоа до основните и до повеќе институции, трговски центри, висококатници, инфраструктурни објекти како Транспортниот центар и меѓународниот Аеродром. Од МВР информираат дека сите дојави се лажни.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

МТФ „Војдан Чернодрински“:„Црна дупка“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица најдобра претстава, седум награди за „Иванов“ на МНТ

МТФ „Војдан Чернодрински“:„Црна дупка“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица најдобра претстава, седум награди за „Иванов“ на МНТ

Претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на Театарот „Антон Панов“ од Струмица ја …