Западен Балкан под ризик од меѓуетничко насилство во 2024, проценуваат американските разузнавачи

Западен Балкан под ризик од меѓуетничко насилство во 2024, проценуваат американските разузнавачи

Во годишниот извештај за глобалните закани на Разузнавачката заедница на Соединетите Држави, се наведува дека „Западен Балкан најверојатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година“.

Во три кратки параграфи за Западен Балкан, документот наведува дека „националистичките лидери најверојатно ќе ги влошат тензиите во своја политичка корист и надворешните актери ќе ги зајакнат и искористат етничките разлики, за да го зголемат или заштитат нивното регионално влијание или да спречат поголема интеграција на Балканот во ЕУ или евроатлантските институции.“

Во изештајот се потсетува дека „судирите меѓу српските националисти и косовските власти во 2023 година резултираа со смртни случаи и повредени, вклучително и повреди на мировниците на НАТО“.

Веднаш потоа се посочува дека „лидерот на босанските Срби, Милорад Додик презема провокативни чекори за да го неутрализира меѓународниот надзор во Босна и Херцеговина и да обезбеди, де факто, отцепување на својата Република Српска“.

На крајот од делот за Западен Балкан, се наведува дека „неговата (на Додик) акција може да ги поттикне водачите на бошњачкото население да го зајакнат сопствениот капацитет за заштита на нивните интереси и евентуално да доведе до насилни конфликти кои би можеле да ги совладаат мировните сили“.

Разузнавачката заедница на Соединетите Држави е група од посебни разузнавачки агенции и подредени организации на владата на Соединетите Држави кои работат одделно и заеднички за спроведување на разузнавачки активности за поддршка на надворешната политика и националната безбедност на САД.

Милорад Додик, претседателот на Република Српска (РС), се обидува во последните две години да ги преземе овластувањата на државата и да воспостави паралелни институции, со закани дека РС ќе ја напушти Босна и Херцеговина и со тоа да ја подели земјата засекогаш.

Поради неговата „антидејтонска активност“, Додик се наоѓа на списокот со санкции на САД и Велика Британија.

Додик претходно изјави дека не се плаши од американските предупредувања и дека ќе реагира доколку некој се обиде да го прекрши Дејтонскиот договор, заканувајќи се дека границата на ентитетот ќе ја претвори во државна.

Американската амбасада во Сараево предупредува на опасноста од сепаратистичката политика на Додик, наведувајќи дека таа „ја загрозува европската перспектива на Босна и Херцеговина, нејзината демократија и економија“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …