Започна Самитот на „Отворен Балкан“ во Тирана, договорите за единствен пазар на трудот во регионот се од огромно значење за граѓаните

Во Тирана денеска се одржува Самитот на „Отворен Балкан“ кој започна со работна средба на лидерите на иницијативата, премиерот на Република Албанија, Еди Рама, како домаќин, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

Во своето воведно обраќање премиерот Заев изјави: „На самиот почеток на оваа иницијатива нагласивме: „Отворен Балкан“ е автентичен, заеднички процес на Северна Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји во регионот. Од првата средба во Скопје во јули и првото потпишување на договорите, покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции, што несомнено го покажува нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи. Токму овој капацитет ќе го покажеме пред европските институции на патот на нашите евроинтеграции.“

На состанокот во Тирана ќе бидат потпишани повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан.

На Самитот во Тирана учествуваат и комесарот за проширување и соседски политики на ЕУ Оливер Вархеји, генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мејлинда Брегу, претставници на стопанските коморите на Албанија, Северна Македонија и Србија, како и голем број претставници на деловните заедници од трите земји и регионот.

Во Тирана денеска ќе бидат потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, Договорот меѓу владите на Република Албанија, Република Србија и Република Северна Македонија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.

На овој Самит на „Отворен Балкан“ ќе се потпишат и билатералните договори за признавање на одобренијата за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и меѓу Република Албанија и Република Србија.

Во делегацијата на состанокот во Тирана се и заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

Прочитајте повеќе

Дали по заканите за „Голема Србија“ наскоро ќе следат дела?

Дали по заканите за „Голема Србија“ наскоро ќе следат дела?

Србија и босанските Срби сè поотворено се стремат кон заедничка држава и го продлабочуваат сојузот …