Во автомобилот имало петчлено семејство, а управуван бил од 35-годишен жител на селото Канатларци, кој излетал надвор од коловозот кај местото викано „Студена вода“
Тешка сообраќајна несреќа со смртни последици се случила вчера попладне на регионалниот пат Крушево – Кривогаштани.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, околу 17 часот било пријавено дека на местото викано „Студена вода“, патничко возило „алфа ромео“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 35-годишен жител на селото Канатларци, излетало надвор од коловозот.
По несреќата, двајца од сопатниците биле пренесени во Општата болница Прилеп. 33-годишната Џ.С. од Канатларци во болницата им подлегнала на повредите, додека малолетен сопатник бил препратен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, но при транспортот починал.
ОД МВР додаваат дека возачот и уште двајца малолетни сопатници завршиле со тешки телесни повреди.
Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа од ОВР Крушево.