Жените кои не молчат пред корупцијата

Жените кои не молчат пред корупцијата: Ристоска, Дамева, Ивановска, Адеми, Трповска

Жени кои најмногу се истакнаа во јавноста говорејќи за корупцијата во областите каде што работат се обвинителката Ристоска, претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, претседателката на СС Весна Дамева, претседателката на ДКСК Ивановска и Снежана Камиловска Трповска од МЦМС. Тие за Мета.мк образложуваат од каде ја црпат волјата и храброста јавно да проговорат за системските неправилности и испраќаат порака – зошто не треба да се молчи и пред најмалиот сомнеж за корупција

Пишува: Мери Јордановска

За да се разбере најдобро степенот и напредокот во борбата против корупцијата во годината што измина, доволно е да се прочита втората реченица од Извештајот на Европската комисија во делот на борбата против корупцијата која буквално кажува сè – „не е постигнат никаков напредок“.

Корупцијата како најверен, долгогодишен „пријател“ на земјава, си го задржа својот статус во речиси секоја пора од општеството со само една разлика – што во 2023 година имаше луѓе од различни општествени сфери кои конечно гласно проговореа. Последиците што тие притоа ги претрпеа се сосема друга приказна. Но, не молчеа. А бевме навикнати на молк. Случајно или не, во 2023 година токму жени беа оние кои најгласно проговорија доведувајќи ја и во ризик својата работа.

Мета.мк ги издвојува најгласните, оние кои го срушија молкот, но и митот, дека е подобро да се молчи, оти поединецот не може да смени ништо.

Како такви, жени кои најмногу се истакнаа во јавноста говорејќи за корупцијата во областите каде што работат се јавната обвинителка Ленче Ристоска, претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска и Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Тие за Мета.мк образложуваат од каде ја црпат волјата и храброста јавно да проговорат за системските неправилности и испраќаат порака – зошто не треба да се молчи и пред најмалиот сомнеж за корупција.

Ленче Ристоска, Јавно обвинителство

Жените кои не молчат пред корупцијата: Ристоска, Дамева, Ивановска, Адеми, Трповска

Работеше на виосоко профилирани корупциски предмети додека постоеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и никогаш не се воздржуваше јавно да ги критикува слабостите во правосудниот систем. Се спротивстави и на одлуката на мнозинството на Советот на јавни обвинители кога се гласаше против нејзино унапредување во Вишото јавно обвинителство со тврдење дека „советот е извор на тргување со влијание во обвинителството и потребни му се итни реформи“. Кога и вторпат не беше избрана, таа се обрати до Комисијата за спречување и заштита од  дискриминацијата, која утврди дека Ристоска била дискриминирана при изборот, бидејќи Антонио Јолевски од Советот за јавни обвинители во своето образложение зошто нема да биде избрана, го спомена и нејзиното породилно отсуство.

„Не само изминатата година туку во текот на целата моја кариера јавниот интерес е приоритет во моето работење и делување. Затоа, секогаш кога работењето во фелата од која доаѓам не одело во насока на заштита на јавниот интерес и одржување на високи етички и професионални стандарди, сум имала одредена реакција. Моето искуство со кодексот на јавни обвинители, чија промена започна по моја реакција и со добиениот случај пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, покажуваат дека ваквите заложби не се бесмислени и дека имаат одреден ефект, иако сето тоа е на штета на мојата кариера. Ефектот би бил уште поголем доколку овие мои битки беа поддржани од колегите од фелата“, вели Ристоска за Мета.мк.

Како пример за важноста на колегијалноста и професионалната солидарност, како и ефектот кој тие може да го постигнат наспроти поединечните битки, таа го посочува примерот со вработените од контролата на летање, за случајот М-НАВ.

„Затоа, доколку сакаме да ја промениме насоката во која се движи нашето општество, мора да се соочиме со девијантните појави што поскоро, да го напуштиме конформизмот и преку личен пример да дадеме придонес за унапредување на состојбите“, вели Ристоска.

Беса Адеми, Врховен суд

Жените кои не молчат пред корупцијата: Ристоска, Дамева, Ивановска, Адеми, Трповска

Случајот со претседателката на Врховниот суд Беса Адеми сè уште ја бранува јавноста, а неизвесно е и одлуката на Судскиот совет во однос на нејзината понатамошна кариера. Адеми во интервју за Сдк.мк јавно проговори за политички притисоци врз институцијата на која таа е прв човек, со цел оживување на „амнестијата“ на претседателот Ѓорѓе Иванов и политичките математики за спас на експремиерот во бегство, Никола Груевски. Таа посочи и дека судот со којшто раководи се соочува со политички притисоци и закани од разрешување на врховни судии.

Веднаш по ова, таа доби итна покана од Судскиот совет за сослушување, а членот на Судскиот совет Миљазим Мустафа поднесе иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд. Таа веќе ја даде својата изјава во присуство на адвокат, а утре советот ќе донесе конечна одлука во однос на дисциплинската постапка со предлог за нејзино разрешување.

Адеми за Мета.мк вели дека кога силно се верува во вредностите на владеењето на правото, во идеалите за правна држава, во гаранциите за заштитата на човековите права и во европските принципи за независност на судството, борбата за праведен и ефикасен правосуден систем секогаш мора да е втемелена на премисата дека правото е волја за правда, законитост и правичност.

„Токму силната волја ја прави борбата за владеењето на правото храбра и бескомпромисна. Затоа е потребно да се има јасна визија и да не се отстапи од вредностите во кои се верува по ниедна цена“, вели Адеми.

Таа додава дека промените се потребни за нас самите, како општество и како држава, а во таа смисла и за европските аспирации на земјава.

„Доколку Европската Унија е нашата стратешка заложба, тогаш мораме час поскоро преку еден искрен, темелен и сериозен пристап да постапуваме по добронамерните совети и препораки за реформи на правосудството. За мене тоа би преставувало вистински епилог на битките за независност на судството и за предизвиците со кои се соочуваме“, вели Адеми.

Во однос на тоа која е нејзината порака, односно зошто е потребно јасно и јавно да проговориме за сите општествени недоследности кои досега сме ги премолчувале под изговор дека „поединец не може да смени ништо?, претседателката на Врховниот суд одговара:

„Често велам дека транспарентноста е пријател на судството и на институциите. Транспарентноста е чувар на интегритетот и на независноста. Поаѓајќи од овие заложби во Врховниот суд на Република Северна Македонија се донесе Декларацијата за отворено судство и се основаше Советот за отворено судство. Отвореното судство е жив и континуиран процес кој го вклучува и говорењето за прашања од јавен интерес. Во таа насока, потребно е да се говори за сите недоследности бидејќи јавноста иницира мислења и ставови за позитивно менување на нештата, но и инспирира општествена енергија која има охрабрувачко влијание за заштитата на владеењето на правото“.

Билјана Ивановска, Антикорупциска комисија

Жените кои не молчат пред корупцијата: Ристоска, Дамева, Ивановска, Адеми, Трповска

Својот мандат претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата го завршува „без влакна на јазикот“, во однос на било кое прашање кое влегува во доменот на корупцијата, злоупотребите, конфликтот на интереси и начинот на трошењето на јавните пари. Иако во неколкуте последователни извештаи на Европската комисија, ДКСК добива пофални оценки за работата, сепак, комисијата на чело со Ивановска неретко доживуваше критики, па дури и бојкот од страна на одредени институции во земјава, како на пример од Јавното обвинителство.

„Храброста и волјата се карактерни особини кои се тесно поврзани со професионалниот и непристрасен пристап кон работата, што од своја страна подразбира не селективност и преземање на сите активности за кои, како претседателка на ДКСК имам надлежност да ги спроведам. Јавното реферирање на предметите е законска обврска, а транспарентноста е главно обележје и најсилно оружје на ДКСК. Негативните појави во нашата држава за жал имаат многу длабоки корени кои црпат моќ од политичкото влијание, не казнивоста, отсуството на интегритет, недоволната транспарентност, но и од нефункционирање на системот на вредности и отсуството на етичките и моралните вредности кај повеќето службени лица. Сето тоа негативно влијае врз степенот на реализација на нашите препораки, укажувања и иницијативи, на што укажа и ЕК“, вели Ивановска за Мета.мк.

Сепак, додава таа, јавното говорење и обелоденување на проблемите и појавите со кои се соочуваме во државата, е првиот и многу значаен чекор што го направиле за да започне процесот на промени.

„Секое службено лице треба и мора да работи пред се во функција на јавниот интерес, Доколку секој го даде максимумот во својот делокруг на делување, работите може многу да се променат на подобро. За да тргне овој наш зарѓан систем потребна му е енергија од сите поединци. Секое камче има свое место во мозаикот“.

Весна Дамева, Судски совет

Жените кои не молчат пред корупцијата: Ристоска, Дамева, Ивановска, Адеми, Трповска

Случајот со контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева ја разбранува и домашната, но и меѓународната јавност. Под знак прашалник се доведе интегритетот на Судскиот совет, телото надлежно да избира и да разрешува судии, се бараа оставки, се повикуваше на одговорност.

„Оваа одлука ќе биде противзаконска, но очигледно нечии желби треба да бидат исполнети. Одредени лица од политиката ќе бидат и те како задоволни ако во ова успеат“, рече Дамева на седницата кога беше разрешена од страна на Судскиот совет, иако во законот прашањето за разрешување на претседател на советот воопшто не е регулирано.

Дамева не кажа кои се тие лица од политиката, но реши да се спротивстави и за спорната одлука поднесе тужба до Управниот суд кој одлучи во нејзина полза, но и кривична пријава до Основното јавно обвинителство. Сега таа повторно е на челната позиција во Судскиот совет.

„Кога станува збор за корупцијата не важи максимата дека молчењето е злато. За корупцијата треба да се зборува гласно, ама преку дела. Залудни се сите зборови и декларативни заложби. Во таа борба нема калкулација со позиција и кариера, затоа што кога се спротивставувате на корупцијата очекувате корист од тоа да имаат граѓаните, а не вие лично. Во тоа не влегувате поради тоа што имате храброст и волја. Станува збор за убедување, за идеали, за верба. Доколку останев пасивна после моето разрешување, јас немаше да бидам своја“, вели Дамева за Мета.мк.

Таа вели дека покрај правдата која е нејзиниот пиедестал, корупцијата и нејзиното искоренување е нејзин прв приоритет.

„Со таков порив го започнав мојот мандат и така и ќе продолжам. Пресудата на Управниот суд не ја сметам како мој личен триумф,ниту како добиена битка. Не е важно колку битки ќе изгубиме или ќе добиеме. Победникот ја добива војната. Јас не сум идеалист, знам дека општество без корупција е утопија. Ова е мал чекор за мене, а голем за нашите демократски вредности, за нашата насушна потреба за враќање на довербата во правда“, ни изјави Дамева.

Снежана Камиловска Трповска, МЦМС

Жените кои не молчат пред корупцијата: Ристоска, Дамева, Ивановска, Адеми, Трповска

Снежана Камиловска Трповска беше членка на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на нови членови на Антикорупциската комисија, чиј мандат треба да почне следниот месец. Од 42 кандидати беа избрани седум, а Камиловска Трповска беше единствената која се спротивстави на изборот и излезе со издвоено мислење, посочувајќи дека процесот е злупотребен од страна на политичките чинители кој треба да обезбеди непристрасност, непартизираност и транспарентност. Таа јавно ги истакна слабите интервјуа, одбивањето на кандидатите да одговорат на директни прашања за за општествени состојби како процесот на заробеност на државата, како и високо профилните случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК – прашања на кои дел од избраните кандидати не знаеле да одговорат.

„Одлуката да излезам со издвоено мислење за процесот на селекција на претседател и членови на ДКСК беше многу едноставна и донесена без никакви двоумења за можни идни реперкусии. Бидејќи додека молчиме им овозможуваме на оние што злоупотребуваат да продолжат и понатаму со своите дела“, вели Трповска за Мета.мк.

Таа додава дека нејзината искрена цел била да се обзнани јавно оваа состојба и можно идно превенирање, имајќи предвид дека процесот во тој момент за избор не бил завршен и сé уште постоело надеж дека на крајот може и ќе предизвика позитивни промени.

„Имајќи предвид дека процесот сепак не заврши со таков исход, мојата искрена надеж е дека новиот состав на ДКСК ќе успее да ги надмине овие стравувања и ќе покаже многу поголеми резултати од актуелниот состав на ДКСК преку отворени предмети за сомнежи за корупција на избрани и именувани лица кои ќе завршат со правосилни судски пресуди, преку целосна имплементација на Националната стратегија на борба против корупција и судир на интереси и преку зголемена антикорупциска проверка на легислативата. Едноставно да ја видиме ДКСК како една цврста инситуција која е спремна јавно и без компромиси да креира систем на превенција од корупција и да биде коректор на ризици од корупција во системот“, додава таа.

Освен ова, таа се надева дека годинава ќе видиме и многу повеќе граѓани кои ќе бидат спремни да застанат против било какво коруптивно дејание, бидејќи неказнивоста на корупцијата го прави ова општество апатично и летаргично во борбата.

„Борбата против корупцијата треба да биде колективно прашање на кое секој граѓанин на оваа држава без разлика на пол, етничка припадност, возраст и религија треба да му биде подеднакво значајно и да бара од властите да управуваат одговорно и транспаретно за да можеме да очекуваме било каков демократски напредок. Секоја една поединечна директна реакција, која нема да остане изолирана, ќе овозможи реален напредок во ова прашање“, вели Камиловска Трповска.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Ричардс: Прво што ги советувам политичките кандидати е да ги избришат профилите на социјалните мрежи

Ричардс: Прво што ги советувам политичките кандидати е да ги избришат профилите на социјалните мрежи

Кога ги учам политичките кандидати, прво им велам, избришете ги вашите профили, тргнете се од …