Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска во седиштето на ООН во Женева оствари работна средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.
Жерновски на Гутереш му ја пренесе благодарноста на Владата на Република Северна Македонија за силната и континуирана поддршка што ООН ѝ ја даваше на нашата земја за време на целиот процес на преговори за изнаоѓање на решение за името, кои се водеа под покровителство на ООН, како и за целиот процес на спроведување на Договорот од Преспа. Воедно, на средбата се разговараше за активностите на Владата на Република Северна Македонија во врска со спроведувањето на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, односно од Договорот со Грција.
Од страна на двајцата соговорници беше изразена благодарност до амбасадорот Нимиц за неговите лични заложби во решавањето на спорот за името, констатирајќи дека неговата дипломатска умешност и трпеливост од речиси три децении, заслужуваат длабока почит.
На средбата, Генералниот секретар Гутереш информираше за доставените писма од негова страна до Претседателот на Советот за безбедност и до Претседателот на Генералното Собрание на ОН, со кои ги известил за влегувањето во сила на Конечната спогодба.
На средбата стана збор и за номинацијата на премиерите Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир за 2019 година, поради постигнатиот Договор од Преспа, при што Гутереш ја искажа поддршката овогодинешната награда за мир да биде доделена токму на творците, Зоран Заев и Алексис Ципрас, поради склучување на Преспанскиот договор.
Гутереш нагласи дека успешниот епилог на Договорот од Преспа, како и постапката на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, е од исклучително значење за регионот и за цела Европа, но пред сè е голем успех за Обединетите Нации, за Европската унија и за НАТО Алијансата.
„Со овој историски договор е затворено прашањето кое не само што ја блокираше европската и евроатлантската иднина на Република Северна Македонија во изминатите 27 години, туку и создаваше судир помеѓу двете соседни држави. На овој начин, двајцата премиери покажаа политичка спремност да донесат политички одлуки со кои се овоможува трајна стабилност во регионот и во Европа.
Нивниот личен напор и спремност за компромис за добробит на граѓаните на двете земји се најдобар пример за мудро и долгорочно визионерство, кое е одлика исклучиво на вистинските лидери“, изјави Гутереш.