Жестоки напади во Украина, на југот украинските сили напредуваат

Жестоки напади во Украина, на југот украинските сили напредуваат

Вчерашното попладне, делумно ноќеска и претпладнево во Украина повеќе градови и региони беа цел на напади со ракети и дронови, но украинските вооружени сили сепак остваруваат напредок на југот на земјата, според кажаното од претседателот на Украина, Володимир Зеленски во ноќното обраќање.

Руските сили вчеравечер извршиле голем артилериски и ракетен напад на населеното место Березнехувате во регионот Миколаив со две ракети С-300, соопшти Јужната оперативна команда на украинските сили, известува украинската државна новинска агенција „Укринформ“.

Украинските сили пак уништиле еден руски С-300 ракетен систем кај градот Токмак во регионот Запорижја.

Градот Запорижја, односно регионален центар, бил исто така цел на руски ракетни напади.

На Очакив, односно на тамошното пристаниште, руските сили испукале 15 тешки артилериски гранати и ракети од ракетни системи, а засега нема информација за жртви. Цел на напади од ракетни системи била и областа Марханец во регионот Днипропетровск.

Во областа Никопол, исто така во регионот Днпропетровск, биле извршени напади од повеќецевни ракетни системи „Град“, при што нема настрадани или повредени цивили, но има штети на гасоводна инсталација, рекреациски центар и образовни институции, како и на една црква.

Во текот на ноќта, Воздушните сили на украинската армија собориле шест ирански дронови-самоубијци „Шахед-136“ во јужна Украина испратени од руските сили. Други шест исти такви дронови извршиле напади во гратчето Била Церква во регионот Кијив, при што има штети на инфраструктурата и едно повредено лице.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во редовното ноќно обраќање соопшти дека во текот на изминатиот ден украинските сили ослободиле десетици населени места на југот и истокот на земјата, во регионите Херсон, Харкив, Луханск и Донецк, и веќе ги имаат содветните ослободени области под своја контрола.

Како што соопшти Јужната оперативна команда за украинската контраофанзива на југот на земјата, руските сили се обидуваат да ги задржат окупираните области и одговараат на нападите од Одбранбените сили на Украина и вршат интензивни артилериски, ракетни и напади со дронови.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Шефот на ФБИ најави оставка

Шефот на ФБИ најави оставка

Изборот на Доналд Трамп за американски претседател носи промени на кормилото на ФБИ. Шефот на …