Жестоки реакции по разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, се бара преиспитување на одлуката

Жестоки реакции по разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, се бара преиспитување на одлуката

Од Блупринт групата, зад која стојат седум организации што ја следат работата на Судскиот совет велат дека во ниту една одредба од законот не е предвидена постапка за разрешување на претседател на Судски совет или за разрешување на член на Судскиот совет по друг основ, освен кога се работи за утврдување на дисциплинска одговорност.

Блупринт групата за реформи во правосудството ја изразува својата загриженост околу ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на вчерашната седница на Судскиот совет, која заврши со разрешување на претседателката на Советот.

Големи реакции околу експресното разрешување на Весна Дамева стигнуваат и од голем број поранешни судии, адвокати, експерти од правосудниот систем и од Антикорупциската комисија.

Дамева беше разрешена вчера, на бурна седница на Судскиот совет, по кавги и низа обвинувања од страна на заменик претседателот на советот, Селим Адеми. Дека ќе има разрешување на Дамева прв објави порталот Сдк.мк, кој отвори сериозен сомнеж дека зад случајот се кријат партиски и политички мотиви. Ова го потврди вчера и Дамева, која по нејзиното разрешување, рече: „Оваа одлука ќе биде противзаконска, но очигледно нечии желби треба да бидат исполнети. Одредени лица од политиката ќе бидат и те како задоволни ако успеат во ова“.

Од Блупринт групата, зад која стојат Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права, Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Фондација Отворено општество ‒ Македонија (ФООМ) велат дека во ниту една одредба од законот не е предвидена постапка за разрешување на претседател на Судски совет или за разрешување на член на Судскиот совет по друг основ, освен кога се работи за утврдување на дисциплинска одговорност.

„Исто така, сакаме да укажеме дека ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби кои ја уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судски совет на РСМ, што значи дека правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет на РСМ не постои. Уште повеќе, според Деловникот тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот“, стои во нивното соопштение.

Организациите велат дека се изненадени од постапувањето на одредени членови на Судскиот совет кои инсистирале на внесување на точка на дневен ред и истовремено одлучување по истата, без притоа да се почитува Законот за судскиот совет, од причина што законодавецот во Законот не предвидел постапка за разрешување на претседател на Судски совет.

„Во оваа насока би сакале да укажеме дека недоволното регулирање на одредени законски одредби не значи и несоодветно постапување односно произволно толкување на постоечките одредби. Доколку интенцијата била да се разреши претседателката на Судскиот совет користејќи ја аналогијата за разрешување на судија, сепак самиот чин на разрешување е спорен од причина што Законот за Судски совет предвидува дека за разрешување на судија потребно е да гласаат 8 члена од присутните членови со право на глас. Во конкретниов случај гласале 7 члена без претходна дискусија и без запазување на постапката која се применува за разрешување на судија“, велат од Блупринт групата и апелираат членовите на Судскиот совет на денешната седница да го преиспитаат своето постапување во конкретната ситуација, и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност и независност во работењето.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) исто така изрази сериозна загриженост за случувањата на седницата на Судскиот совет.

Од ДКСК ги потсетува лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, во кој се забранува билокакво влијание при избор, именувања и разрешување на раководни места.

Антикорупциска комисија очекува вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти за овој случај.

Како што објави порталот Сдк.мк, зад разрешувањето на Дамева всушност се крие заштита на апелациониот судија Енвер Беџети, за кого Судскиот совет констатирал дека 9 месеци го држел предметот „Тврдина-Таргет“ во фиока, за да застари. Според СДК, пред една недела била поднесена иницијатива за негова одговорност, но иницијативата била блокирана, а наводно планот бил доколку Дамева ја стави иницијативата за разрешување на Беџети на дневен ред, да биде разрешена, како што впрочем и се случи. Планирано било, а со заштита на извесни политички структури од албанските партии, Беџети да не се разрешува, туку да биде унапреден во врховен судија.

Денеска е закажана седница на Судскиот совет, на која, како што најави заменик претседателот на советот, Селим Адеми, треба да се избира нов претседател. Новинарите веќе еден час чекаат пред Судскиот совет, но не им е дозволен влез, а седницата, иако закажана во 11 часот, сè уште не е почната.

Прочитајте повеќе

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Ова го правиме за да нема препишување, за да бидат резултатите пообјективни, но и за …