(Зло)употреби

(Зло)употреби

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Во времето на Југославија имало вест во која некој Југословен кој живеел во Шведска, за да улови риби, ставил динамит во водата и направил помор. Шведскoтo законодавство немало законска рамка која го опфаќа ваквиот вид на постапка и на крај случајот се затворил со медицинска дијагноза. Сфатиле дека тоа е нешто што е предмет на медицината, бидејќи еден рационален и здрав човек не би можел да постапи така.

Деновиве дознав дека на некој Норвежанец кој, од една или друга причина, се запишал да студира во Охрид, една професорка од факултетот му рекла:„Биди раат, ќе завршиш, не мора ни да се појавуваш на факултет”. Тој толку бил запрепастен и шокиран од непримерниот настап на “просветниот работник”, што веднаш се отпишал од факултетот и си заминал од Македонија.

На моите предавања го пренесувам примерот за еднаков старт на генерациите од Данска, кој значи дека наследниците од своите родители можат да наследат само одредена сума од богатството на своите родители, со цел секоја идна генерација да има еднаков старт во животот. На тоа, еден од студентите коментираше:„Ехеее, колку тоа може да се злоупотребува…!”. И веројатно е во право, бидејќи надалеку е познат нашиот менталитет и итроштината во изигрување на правилата. Но, кој е изигран и злоупотребен во тој случај?

Информацијата за причините за несреќата на автобусот на „Дурмо Tурс“ ни укажа дека автобусот возел со неисправни кочници и со несоодветна брзина. Не само што сопственикот на фирмата поседувал неисправни автобуси, туку и исправноста на сопствената неисправност ја утврдувал сам. Нормално, со потребна дозвола од надлежните институции. Последиците од несовесното однесување се ненадоместливи и платени со човечки животи. На вакви или слични случаи сме секојдневни сведоци.

Но, нашите граѓани ги потресуваат само јасно видливите колективни трагедии. “Невидливите” никогаш не се толку важни за да алармираат преземање разумни и превентивни мерки.

Ова е аналогно на познатата мисла, дека медицината е најхуманата професија. Зошто? Затоа што последиците од непрофесионалноста во медицината се брзо и лесно воочливи! Но, дали докторот може да го спаси пациентот кој поради неисправни кочници починал на лице место? Дали докторот може да го спаси пациентот кој поради немање соодветна здравствена заштита, средства и свест, достигнал дијагноза за која предоцна се дознава?

Со ова воопшто не сакам да го намалам значењето и важноста на медицината, туку сакам да укажам дека секоја од професиите кога не се извршува хумано, можеби не одма и не толку видливо, меѓутоа секогаш нѐ чинат живот. Дали оној кој работи на технички преглед на возилата треба да е помалку професионален и хуман? Дали вработените во судовите, општините, државните институции кои им одземаат дел од животот на огромното мнозинство од граѓаните, не треба да се хумани? Дали министерот кој е задолжен за животна средина, чие име и лик не ги знаеме, полека но сигурно не им овозможува на докторите да бидат во можност да спасуваат животи? Дали наставникот и професорот кои дозволуваат да положи студент кој воопшто и не знае кој предмет го полага, не треба да се свесни дека со тоа го осакатуваат и младиот човек, но и општеството? Дали инспекторот кој треба да утврди неправилност не треба да покаже хуманост?

Жално е што треба да учиме од искуства кои создаваат големи колективни трауми и болки, но несфаќањето на важноста за потребата од (нај)хуманост во секоја професија, и понатаму ќе нѐ чини огромни жртви. Злоупотребата на правилата и нормите, е злоупотреба на личности и играње со нечии животи, кои кога-тогаш ќе доведат до фатални последици.

Воспитувањето и образованието се клучни во создавање на свеста. Секогаш кога со студентите зборувам за доблест, интегритет, рационалност, иницијативност, индивидуална општествена одговорност… тие ми забележуваат на мојата преголема “романтичност“.

Оправдано не веруваат во доблести, бидејќи ретко ги гледаме. Злоупотребите станаа начин на однесување, а злоупотребата на рационалноста е директна злоупотреба на секој од нас. Треба да ни биде јасно дека секој од нас може(л) да биде во тој автобус! Само и единствено доколку научиме да си го цениме сопствениот живот, ќе имаме можност да дознаеме и што значи достоинствен живот.

Со пример од Југославија започнав, со песна од тоа време ќе завршам: сите сме ја гледале серијата „Бољи живот” и сите сакаме “бољи живот”. Но верувам дека малкумина го забележале стихот од песната кој вели:„Бољи живот тражи боље људе”!

Прочитајте повеќе

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Дијаспората ќе гласа само на претседателските избори, бидејќи не е исполнет условот за тоа да …