Со заеднички пристап, до поголем развој на туризмот во Крушево

Со заеднички пристап, до поголем развој на туризмот во Крушево

Пишува: Сотир Габелоски

Еден од проблемите на Крушево од аспект на туризмот, е неплаќањето на туристичката такса, која постои како давачка за сите граѓани кои издаваат соби. Намената на оваа такса, е уплатените средства да се вратат кон туристичките работници во вид на изградба на улици, подобро улично осветлување, промоција, соодветна сигнализација и слично. Велам проблем, бидејќи уплатата на туристичката такса е генерално мала и општината, како орган кој ги собира овие средства, трпи голема штета, а со самото тоа и граѓаните на општина Крушево.

Износот на туристичката такса е без малку симболичен, но средствата кои на годишно ниво би требало да се приберат, би овозможиле изработка на проекти, санација на улица, изработка на промотивни материјали и слично. Сепак, иако во изминатата година прибирањето на овој тип на такса се зголеми, износот се’ уште е мал, поточно изнесува околу 50 отсто од планираната сума. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот има уште поригорозен податок, кој вели дека наплатата е уште помала и дека се движи околу 40 отсто од бројот на реално остварени ноќевања во Крушево.

Постојат неколку причини зошто наплатата на оваа давачка е толку мал, а една од нив е недоволно ефикасниот контролен механизам. Се работи за механизам на секојдневна контрола од страна на локалните власти на бројот на запишани туристи во објектите, некатегоризираните издавачи на соби и казнената политика. Дополнително, врз правните субјекти од овој сектор контрола врши пазарната инспекција.

Друга причина е ниското ниво на свест кај дел од туристичките работници, во однос на значењето на оваа давачка.

Сепак, најголемата причина е недовербата која се’ уште постои по однос на прашањето како Општина Крушево ќе ги искористи овие средства. Недовербата која граѓаните ја имаат кон институциите, најдобро е искажана токму преку ниската наплата на овој вид давачка. Голем дел од приватниот сектор, едноставно, не верува дека парите кои што тие ќе ги уплатат ќе се искористат за суштински намени и во нивни интерес. Истовремено, контролниот механизам е мал и истиот дава “комфор“ за прикривање, односно неплаќање на таксата.

Кога ова ќе се земе во предвид, со зголемувањето на уплатата на туристичка такса индиректно се вреднува работата на локалната самоуправа. Истовремено, преку зголемувањето на уплатата и’ се дава “амин“ на локалната самоуправа да продолжи со инфраструктурните работи, особено нејзината посветеност и заложба во областа на туризмот, која во последната година и пол е евидентна.

Општина Крушево и угостителскиот сектор мора да имаат заеднички пристап на пазарот, во туристичката промоција и изработката и реализацијата на многу проекти во областа на туризмот. Тоа вклучува подеднаква заложба на двете засегнати страни – од една локалната самоуправа како институција која преку домаќинското користење на собраните средства треба да обезбеди услови за развој на приватниот бизнис во сферата на туризмот и да дава резултати во привлекувањето на нови посетители. Од друга страна е приватниот угостителски сектор, кој со уплата на туристичката такса директно учествува во иницијативите на локалната власт и покрај развојот на сопствениот бизнис, ќе придонесе и за генералниот развој на Крушево.

Туризмот е една од малкуте гранки преку кои Крушево може да го поттикне локалниот економски развој, а за да се случи тоа, неопходен е заеднички пристап и придонес во балансот помеѓу можностите и потребите на целата локална заедница.

Прочитајте повеќе

„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен

„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен

Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите …