Оземпик

Злоупотребата на Оземпик: од лек за дијабет до тренд за слабеење

Во потрагата по брз лек за ослободување од несаканите килограми, честопати луѓето се во искушение да истражуваат непознати територии, надевајќи се дека ќе откријат побрзо решение, што им пркоси на конвенционалните медицински практики. Еден таков алармантен тренд во последно време е употребата на Оземпик за слабеење, без лекарски рецепт.

Лекот Оземпик е наменет за третман на возрасни пациенти со дијабетес тип 2, кој се издава во аптека само на лекарски рецепт, прeпишан од доктор. Тој е развиен за регулирање на нивото на шеќер во крвта кај пациенти со дијабетес тип 2 и предизвикува биолошки реакции кои влијаат на центарот за ситост во мозокот кој го намалува апетитот, го симнува нивото на шеќерот во крвта и има кардиопротективно дејство.

Но, и покрај ова, се појавува тренд на несоодветна употреба на лекот. Сè почесто луѓето го користат само за да изгледаат физички подобро, без претходно да направат клиничко испитување.

Со современиот начин на живеење односно пристапот до социјални медиуми и чет-форуми, луѓето наоѓаат начини да пристапат до лекот без рецепт. Мета.мк исконтактира со лице чиј телефонски број беше оставен во група на Фејсбук, а кога се јавивме, тој ни кажа дека продава Оземпик за сума од околу 12.000 денари, доза која е соодветна за слабеење за период од еден месец. Лицето со кое разговаравме не нè праша дали лекот ни е препишан, туку единствено ни даде насоки како да го користиме и нè извести дека дозата постепено треба да се зголемува.

Инаку, со лекарска рецепта, во аптеките овој лек може да се набави за околу 6.000 денари и истиот, барем теоретски, им се препишува на лица кои страдаат од дијабет.

МАЛМЕД (Агенција за лекови и медицински средства на РСМ) предупредува дека набавките од непознат извор, се строго забранети од Законот за лекови и медицински средства. Од Агенцијата велат дека не можат да гарантираат за квалитетот на лекот. МАЛМЕД неодамна најави дека лекот Оземпик кој е продаван во Македонија без рецепта е фалсификат, односно дека не се знае што всушност внесуваат луѓето.

Продажбата и количините на Оземпик во државата се ограничени и се купуваат само во одредени аптеки, а овој процес се следи од страна на МАЛМЕД.

„Согласно податоците за потрошувачка на лекови, во нашата држава во првата половина на 2023 година лекот Оземпик се издал просечно во количини од 1.500  скатули месечно (согласно тендерската побарувачка) за пациенти со дијабет тип 2 по строго дефинирани критериуми и индикација само во инсулински аптеки”, велат од МАЛМЕД за Мета.мк.

Тие исто така потенцираат и укажуваат на важноста за купување на лекови од овластени, соодветни извори за набавка со цел да се користат лекови со потврден квалитет и безбедност кои се одобрени со закон.

За користењето на Оземпик за слабеење, Мета.мк исконтактира со д-р Танер Хасан, ендокринолог во Градската општа болница „8 Септември“, кој повтори дека лекот е наменет за лица кои имаат дијабетес и обезност.

„Лицата кои планираат да го користат лекот треба првенствено да бидат прегледани во центрите за обезност од страна на стручни лица. После тоа треба да се провери дали навистина има индикација за користење на лекот. Понатаму, потребно е да се следи пациентот и да се нaправи увид дали терапијата е ефективна или дали има некој несакан ефект”, вели ендокринологот и додава дека лекот не смее да го користат деца под 12 годишна возраст, пациенти со психички проблеми, карциноми, дијабетична ретинопатија (оштетена ретина на окото поради дијабетес) или хроничен панкреатитис.

Тој исто така советува дека доколку пациентот во текот на 3 месеци не губи повеќе од 5 проценти од својата тежина значи терапијата не делува и не треба да се продолжи со истата и вели дека тој период треба да се следат биохемиските параметри од крвта и посебно да се обрнува внимание на функцијата на панкреасот. Доколку има зголемување на панкреатичните ензими, терапијата веднаш треба да се прекине.

Д-р Хасан и на социјалните мрежи предупреди луѓето да бидат претпазливи кога го купуваат овој лек, особено ако е набавен од Косово.

Користењето на овој лек кај здрави луѓе може да има последици од видот на повраќање и лошење, но во екстремни случаи може да предизвика тумори на тироидната жлезда, панкреатитис, промени во видот, хипогликемија, проблеми со жолчното ќесе, откажување на бубрезите и рак. За Си-ен-ен, пред извесно време голем број луѓе сведочеа за нус-појавите што ги доживеале по употребата на лекот „Оземпик“, особено за гастроинтестиналните проблеми, нешто што еднаш го запали алармот дека овој лек не смее да се зема на своја рака и без лекарски надзор.

Моментално, во неколку држави во светот како Велика Британија, Ирска и Австралија, лекот е во дефицит токму поради набавка на лекот за губење на тежина наместо за третирање на дијабетес тип 2.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Знаме Македонија

Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизација

Прославите за албанското знаме низ Северна Македонија предизвикаа инциденти и сквернавење на македонското знаме, што …