Кучето и мачето легнаа заедно, ќе има ли јака зима?

Кучето и мачето легнаа заедно, ќе има ли јака зима?

Пишува: Зоран Милошески

Во едно индијанско племе, кон средината на есента поглавицата го прашал врачот, каква ќе биде претстојната зима – студена или топла?

– Да знам, ако идат студови, да им кажам на индијанците да одат во шумата да собираат дрвја – му рекол поглавицата на врачот.

Но, бидејќи врачот бил тежок измамник кој на ниеден начин не можел да претпостави каква ќе биде зимата, тргнал од логиката:

– Ако кажам дека ќе биде топла, а дојдат снегови и студови, лошо ми се пишува! Ќе му речам дека претстои голема зима, што е сигурно, сигурно е – одлучил врачот.

Така и сторил, на што поглавицата им наредил на сите членови на племето веднаш да заминат во шумата по дрвја.

Арно ама, зимата се погодила топла, после што поглавицата останал прилично лут на врачот.

Истата приказна се повторила и следната година. И таа по неа. На истото прашање од поглавицата, племенскиот врач воден од простата логика, го давал истиот одговор. А зимата никако да дојде…

Сега веќе видно револтиран, четвртата година поглавицата го условил врачот:

– Ако и оваа година не погодиш, сметај дека напролет ќе ти го земеме скалпот и ќе те испратиме во „вечните ловишта“!

Соочен со реалноста дека следната грешка ќе го чини живот, после кратко размислување врачот смислил нова итроштина:

– Ќе слезам во градот и ќе го прашам метеорологот, тој сигурно ќе знае да ми каже каква зима претстои – одлучил врачот.

За да не го препознаат, се преоблекол во алишта какви што носат луѓето од градот, отишол кај метеорологот и го прашал за неговата прогноза за зимата.

– Претстои страшна зима каква што одамна немало, студ каков што никој не памети – одлучно и самоуверено одговорил метеорологот. 

– Ти благодарам многу, добро што те прашав. А, од каде си толку сигурен дека ќе има таква зима? – прашал врачот.

– Како да не бидам сигурен? Па не за бадијала индијанцине три години собираат дрвја! – му одговорил метеорологот.

Аргументите со кои врачот на поглавицата, а метеорологот на врачот му го најавува доаѓањето на “кочан“ зимата, ме асоцираше на начинот на кој Грујо на Мицко, а Мицко на партиското членство им ја претставуваат состојбата на политичката сцена после средбите на премиерот со Филип Рикер и Метју Палмер: Заев е готов, странците дојдоа да му кажат дека повеќе не го поддржуваат, ќе има предвремени избори на кои ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе победи!

Втората работа која што наследникот на унгарскиот бегалец се обидува да ја релативизира, се критичките тонови кои странските дипломати ги испраќаат на негова адреса, најмногу заради неговиот однос кон најважните прашања кои на нашата држава треба да ѝ ја отворат (или затворат) бриселската врата. Мицкоски не е „паднат од Марс“ за да не знае дека изјавите на “тешката артилерија“ на САД и ЕУ дадени за време на нивниот престој во Македонија, не се нивни лични ставови, туку дека секој кажан збор е одраз на официјалната политика на државата која ја претставуваат. Намерата да се манипулира јавноста со извртување на изјавите на странските дипломати, е очајнички обид на дезориентиран политичар поразот да го прикаже како победа. Оти, такви малоумни тези не поминуваат повеќе ниту на партиски состанок во најмалиот селски месен комитет.

Не само што политиката базирана на самозалажување, полувистини, желби и претпоставки е одлика на квазиполитичари, туку таа има краток рок на траење и, по правило, бидува препознаена, соголена и казнета и од најзакоравените поддржувачи. „Љубовта“ меѓу политичарите и гласачите не е вечна и таа трае до моментот кога на виделина ќе излезат првите докази дека, кај оние првите, во прашање бил гол популизам, лага и желба за власт. Впрочем, не за џабе се рекло: еден човек можете да го лажете цело време, неколку луѓе некое време, ама сите луѓе цело време – ни случајно!

Обврските и ветувањата кои ученикот ги дал пред учителот при преземањето на партијата, не се ни малку едноставни за исполнување: да му ја чува фотелјата, на секој начин да го оневозможи добивањето датум за почеток на преговори, со сите можни средства (логистички и финансиски) да работи на рушење на Владата на Заев, да издејствува предвремени парламентарни избори, да победи на нив и, крајно, на бегалецот да му овозможи триумфално враќање во државата после што би следувало ново, формално примопредавање на претседателската функција во партијата.

Покрај традиционалните поддржувачи на злосторничкото здружување и нивните наследници, во насока на остварување на преземените обврски се врши регрутирање на дополнителни „сили“. Од тие причини, во игра се вклучуваат и разноразни „независни и непартиски експерти“, кои според некоја сопствена анализа процениле дека Владата ќе паѓа и дека е вистински момент што подобро да се позиционираат за некаква претпоставена (пост) изборна коалиција.

Како печурки после дожд никнуваат и старо-новите фаци, кои секогаш се појавуваат во предизборието и кои себеси се сметаат за клучен фактор во распределбата на пратеничките мандати. Тоа се истите оние “надриинтелектуалци“ кои својата експертиза ја темелат на идентични факти како и бајачката од Грујо. Сите тие во краток и строго дефиниран временски период глумат опозиција, за да првиот ден после промената на власта му се пикнат во га*от на новиот премиер и дебело го наплатат она што ниту го заслужиле, ниту по било која основа им следува.

Ако во првите 3 секунди не ви паднат на памет барем 5 имиња кои одговараат на погорната „скица за портрет“, тогаш прочепкајте малку низ интернетот и побарајте „НЗС“ од повремените, променливите и (не)формалните “советници“ на Бранко, Љубчо, Бучко, Грујо и Заев. За миг ќе ви се појават добро познати ликови, кои како крлежи им се вовлекле под кожа и со години цицале владини, општински и партиски пари.

Иако зимата не е ниту на повидок, нашите премудри врачеви му сугерираат на Мицкоски да ги испрати своите “индијанци“ во шумата. Чинам оти тие подзаборавиле дека оној што во државата „ведри и облачи“, е сѐ уште на власт. И дека прогнозата која главниот „метеоролог“ ќе ја соопшти во октомври, може дефинитивно да ја елиминира можноста Република Северна Македонија да ја зафати “поларна зима“.

Тогаш, што ќе им преостане на мачето и кучето кои сигурни во баењето на врачот, веќе легнале заедно?

Прочитајте повеќе

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Ова го правиме за да нема препишување, за да бидат резултатите пообјективни, но и за …