Слободан Унковски: Во хотел „Карпош“, со брат му Влатко и со неколкуте актери, потенцијални сирачиња без идните текстови на Горан

Слободан Унковски: Во хотел „Карпош“, со брат му Влатко и со неколкуте актери, потенцијални сирачиња без идните текстови на Горан

Утре, сабота 27 ноември 2021 година, се навршуваат 3 години од смртта на македонскиот драмски писател, Горан Стефановски. По тој повод го пренесуваме фејсбук статусот на режисерот Слободан Унковски.

„Дел од мојот текст за Горан во ‘Антологијата на драми’ од Горан Стефановски во издание на ‘Лаертеспрес’ од САД

ХОТЕЛ КАРПОШ

Сега седиме во хотел Карпош, до Драмски театар, со брат му на Горан, Влатко, виртуоз на гитара, битно име во музичка Европа и со неколкуте актери, потенцијални сирачиња без идните текстови на Горан, и се сеќаваме на некои среќни моменти со големиот автор.

Комеморацијата за Горан тукушто заврши. А јас си замислувам како да гледам, заедно со Горан, сеедно невозможно, како тој самиот лежи во англиска болничка соба, како излезена од англиски воен филм, како од English patient, како од англиска драма, како од A kind of Alaska на Пинтер, неговите совршени англиски чевли, Oxford brogues, под креветот, како тука да работи докторот од Saturday на Ian McEwan, со натписи на англиски јазик, со црни латинични букви на бели емајлирани метални таблички, со шепотење на персоналот чиј англиски не го разбирам до крај,  како да е неговиот креветот островот на Prospero од Шекспировата The Tempest, а околу него, во собата, низ ходникот, до паркингот исполнет со Land Rover Series IIIs и Mini Morrises, со волани на десната страна, во средина, изгубен меѓу нив Citroën 2CV6, со волан на левата страна, со кој еднаш заминаа со Пат од Македонија во Англија, стојат мирно стотици загрижени ликови од неговите драми и сценарија, држејќи ги во рака пасошите со англиски визи, скришно бришејќи ги солзите и препознавајќи се и запознавајќи се, по прв пат во своето постоење надвор од просторот на нивните драми, и ги шепотат своите имиња на македонски:

Силјан што ќе стане штрк, Светле што има тело, Сања во свилено кимоно, Таткото што гледа снег на ТВ, Цвета што вели Никогаш, никогаш, Максо со џипот, Перо што слуша симфонии, Ана сопруга и љубовница, Магда што не сакала да биде нечија девојка, Мајката што дошла да го советува, Пријателите на Горан од Лонг плеј –Ролинг Стоунс, Боб Дилен, Енималс, Манкиз, Арета Франклин, Том Џонс, Јоко Оно, Руди Дучке, Ернст Фишер и други, Таткото машиновозач, Јоне што слуша Радио Луксембург, Ќерката што сака да стане Рита Павоне, Мајката што го сака Радецкиот марш, Бонд што се сомнева, Хаким што се сомнева, Таткото, млад, сака пролазни авантури, Мајката што не мисли да се мажи, Господин Џонс што има визии, Џејн што не знае и не разбира, Хардинг осамен скитник, Секретарката младинска активистка за музика, Јоне што полага за Пол Макартни, Џон Кенеди и Мерлин Монро во мотелска соба во Балтимор, Енџи што го чека својот деветнаесетти нервен слом, Сестра Морфина, братучед Кокаин, Валентина Терешкова и Тавариш Васток се обидуваат да затруднат во вселената.

Секретарката што ќе се чува до брак, Мајката што бара малку почит, Че Гевара со брада и пура, Таткото неспремен за сексуална револуција, Наредникот Пепер со девојката Елинор Ригби, Рина одлична во шах, се вратила од Англија, лечи со допир, Дамјан што не ја разбира својата драма, Блага сестра, Тодор и Марко, бетонираат буриња со отрови, Виктор подвижната историја, Невена што си го бара изгубениот брат, Петар татко, болен со мозокот, Духови на минатото, Марта, млада со зелена коса, сака да оди во Лондон, Дамјан што не ја разбира својата драма, Детето со фантазија, Таткото што не знае ништо, Мајката зачудена, Рампо Прцески директор и ништо, Преведувачката од кинески, Чуанг Ли и вториот кинез, што ги негуваат кинеските традиции, Чорбе лирскиот љубовник од Бургас, Господин и госпожа Балбакови во брачна заедница, Жената војник и доверливото досие, Ицо неталентирано актерче, Славејков директор на театар под притисок, Цветко, Неда, Џафер ага дојдени од друга драма кај Горан, Александар и Каталин, една незаборавна љубов, Професорот по музика на свадба, Човекот во фрак од село Селце, Сара истажувач и архитект, Руди поштар, Горчин како Гаврило Принцип, Хамдија како Андриќ и како Тито, Фата хор на Дубровник, хор на Вуковар, Сулјо готвач и друго, Азра жената на прозорец, Мујо таксист, Маја новинарка, Сараево град, Дионис бог, Тиресија пророк, Агава, хор на Менади, сите од војната во Југославија, Зора мајка во Лондон раскажува, Константин татко реконвалесцент од војната што трае, Јана ќерка не верува дека татко и е мртов, Мик англичанец, воен дописник и љубовник, Гавро воен профитер со брод, Праџапати набљудувач на ООН, патетичен, Марко Цепенков што ќе биде Тоде Мудрецот, Кралицата непостоечка македонска, Јане Задрогаз духот на Македонија, Змејот ептен лош и опасен, Јанкула, Секула, Петрула синови на кралицата, средно интелигентни, Тасе свирачот, Дафина селанка, Божин лебарот, Магда, Најде екимот селски лекар, Васка, Димче ковачот, Костадинка, Ицо Терзијата, сите посветени селани на својот празник, Димитрија Андреевиќ татко, инвалид, ѕидар, најавува војна, Марија мајка што го препозна дивото месо, Андреја, продавач во бакалница и револуционер, Стефан брат и референт во фирма за автомобили, Симон келнер, пијаница, лузер, Вера домаќинка што сака да затрудни, Херцог шеф на претставништво за автомобили, евреин, Сара, ќерка, начитана и преубава еврејка, Херман Клаус дојденец од централата од Берлин, Сивиќ, советник, Проститутка, поп, Михајло и Евто браќа фрескосликари, Султана мајка им што ги памети трагедиите, Рајна жена на Ефто, што ќе роди, Панајотис грчки трговец и друго, Елена жена му што ќе го украде бебето, Киро поранешен учител, Гаврил, брат востаник, Анѓеле професионален артист, жонглер и хиромант, Кајмакамот турска власт со мудрост на голема сила, Остоиќ, еден србин на пропатување и друго, Велков бугарски поп и друго, Борис татко и дедо излезен од затвор, Матеја хај фај внук, Соња ќерка и мајка, Мира девојка, Американец на пропатување, Русин на пропатување, Арап на пропатување, Јаков уметник во динамика, Божо министер за култура и книжевник, Параскева сопруга, мајка, и толку, Нове од службите, Војдан етнолог во слободен пад, Цибра полубрат, опасен, Кољо патник во место, Стрезо можеби не постои, Алтана мајка и столб, Ружа без задршка, Маре опасна како Цибра, Клодија не се знае што е, Тетовирачот е закана, и уште многу други што веќе не можам да ги распознаам заради далечината.

А низ таа голема толпа како да ги гледам и Битлси, чии сите песни Горан ги знаеше напамет, со неговата членска карта од нивниот фан клуб број 2003, ко некаква пропусница, а театарската публиката од Скопје, Белград, Љубљана, Сараево, Подгорица, Загреб, Москва, Лондон, Стокхолм, Антверпен, Виена, Париз, го исполнила асфалтниот пат од 15тина километри што води од болница до неговото Кентербери. Го гледаме тоа со Горан, и тој, сеедно што не говори и изгледа како да не слуша, се смешка тајно, ме прегрнува со едната рака и ми испраќа една од неговите убиствено саркастични реченици што нема никогаш да ја дознаеме. Група Дебар маалци, задоцнети, се пробиваат низ народот и го скандираат неговиот дебармаалски прекар…

А во реалноста, навечер, Пат, Јана и Игор Стефановски, се сами со Горан во болничката соба, и Игор, го потпира својот мобилен до увото на Горан, а јас реков од Скопје: Овде Унко, знаеш колку многу…. Или можеби не реков ништо зошто ми се стори како да зборував со самиот себе си, на умирање“.

Прочитајте повеќе

Филипче Митинг со младите

Д-р Филипче до младите: Единствен начин за трајна трансформација на општеството е интеграцијата во ЕУ

Младите се движечката сила, покренуваат револуции и создаваат иновации и затоа нивните идеи се клучни …