ЦИВИЛ одбележува 22 години од основањето

ЦИВИЛ одбележува 22 години од основањето

На 25 ноември 1999 година, една група македонски граѓанки и граѓани и една Македонка, американска граѓанка, ги удрија темелите на една од најпознатите организации на граѓанското општество во Република Северна Македонија, ЦИВИЛ – Центар за слобода. Групата основачи беше составена од интелектуалци, уметници, новинари, еден бизнисмен и еден работник.  

За дваесет и две години, организацијата спроведе повеќе од 100 проекти во повеќе критични области од општествено-политичките процеси во земјата. Беше пионер на процесот за мир и помирување во 2001 година, една од најпознатите организации која се бореше против нелегалното оружје, водеше големи национални кампањи посветени на мултикултурализмот, човековите права, слободата и демократијата. Популарноста на ЦИВИЛ далеку ги надминува границите на нашата земја и во моментов е една од најреспектабилните граѓански организации на Балканот.  

Претседателот и еден од основачите на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, им ја честита годишнината од основањето на организацијата на основачите, членовите на Собранието на ЦИВИЛ и на сите тела и организациски единици, на сите членови и поддржувачи.  

„Секој 25-ти ноември е голем ден за нас. Тоа е потсетник за нашата посветеност, доследност и цврстина. Другарки и другари, ви посакувам уште многу успеси во работата и во граѓанскиот ангажман за јакнење на демократијата, владеењето на правото, европските и зелените вредности, мултикултурализмот, социјалната правда, мирот, безбедноста и човековите права и слободи во земјата и во светот. Благодарни сме за несебичната поддршка и огромната доверба која ни ја подаруваат граѓанките и граѓаните. Во името на ЦИВИЛ и во свое име, им благодарам и на сите донатори во текот на овие 22 години. Нивната помош е драгоцен придонес кон нашите заложби за подобро утре на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија и на целиот свет“ – напиша Дерала во својата порака.   

Тимот на ЦИВИЛ ќе ја одбележи и оваа годишнина скромно и работно, со инфо-штандови низ Скопје и во повеќе градови низ земјата, како и пред седиштето на организацијата на кои ќе се делат книги, беџови и печатени материјали за посетителите, веќе од почетокот на идната недела. Организацијата ги повикува своите соработнички и соработници, поддржувачи и членови, како и сите граѓанки и граѓани, да дадат свој прилог кон одбележувањето со испраќање краток текст или селфи видео во кое ќе споделат порака, мислење, оценка или анегдота поврзана со ЦИВИЛ.  

Прочитајте повеќе

сончево со облаци

Продолжува периодот на нестабилно време со пороен дожд и грмежи

Денеска ќе се задржи сончево и топло време, со мала до умерена облачност. Попладне ќе …