Прилеп: Прва самостојна изложба на младиот прилепски уметник Филип Цакоски

Прилеп: Прва самостојна изложба на младиот прилепски уметник Филип Цакоски

Во ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, во среда 20.04.2022 од 19.30 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Персона“, од прилепскиот уметник Филип Цакоски.

Самиот уметник за изложбата ќе каже:

„Изложбата ‘Персона’ е проследување (втор дел) на концептот ‘Обвивки’-2021, продлабочување во битието позади физичкиот изглед и како човекот се претставува. Внатрешните потреби, пориви, скриени или навидум  заборавени желби, фантазии и незадоволства- како сила која во позадина управува со нашата личност (персона) која ја креираме пред другите.

Патот кон целосна искрена личност, според Јунг, е пред се’ сознавање дека таа постои, помирување со неа и нејзината тежина. Самиот момент на прифаќање е почеток кон соединување со сето она што сме, свесно и потсвесно. Од оваа теорија, целта е симболично, да се прикажат личностите (обвивките) и сенките кои ги носат но и порака, за интроспекција, за воочување на се што е скирено во нас и прифаќање на истото, со намера да се пробие низ обвивките, надворешни и внатрешни“, вели Цакоски.

„Изложбата насловена како ‘Персона’ од вајарот Филип Цакоски, можеме да јаразгледуваме и како своевидно продлабочување на мотивите што го окупираа во претходната негова изложба ‘Обвивки’, но и како сосема самостоен концепт со нови перцепции.  Со оглед на тоа, што и за изложбата ‘Обвивки’ ја имав истата задача, ќе се обидам накусо да ги компарирам двете посотавки, ставајќи акцент на актуелната изложба.

Оваа изложба е можност да погледнеме во себе(не)совршенството, да навлеземе малку подлабоко во нас и да откриеме колку личности, колку лица и наличја криеме во нас самите. Тоа трагање кон внатрешните светови на самите нас, го обојува животот со смисла за постоењето..Од тие длабочини надоаѓа и уметничкиот порив кој Цакоски го материјализира преку своите дела и го подарува на публиката со цел да овозможи  на уметничка наслада, но и да поттикне, да запраша, да замисли, да порача…Добредојдовте во уметничкиот свет на Филип Цакоски“, вели поетот и новинар Филип Димкоски, кој ќе ја отвори изложбата.

Филип Цакоски е роден 1998 година во Прилеп. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек вајарство, модул сценографија, во класата на проф. Жарко Башески.

Од 2020 година е член на ДЛУМ од 2020, учесник на повеќе групни изложби и настани, во и надвор од државата.

Ова е прва самостојна изложба на Филип Цакоски во Прилеп. Изложбата е поддржана од Министерството за култура, како дел од Годишната програма на ЦК „Марко Цепенков“.

Прочитајте повеќе

Пластика Ѓубре

Планетата Земја го слави светскиот ден задушена во пластика

Пластиката е една од најголемите закани за луѓето и биодиверзитетот, присутна е во секоја животна …