Ако ни’ се важни младите, тогаш што чекаме?

Ако ни’ се важни младите, тогаш што чекаме?

Пишува: Сотир Габелоски

Младите не разговараат за своето ментално здравје, се чувствуваат осамени и неопходни се квалитетни услуги за справување со таквата состојба. Ова е само дел од утврдената состојба во Македонија, а усвоената Стратегија за ментално здравје за млади дава конкретни препораки за институциите и организациите.

На предлог на Министерство за труд и социјална политика, Владата ја усвои Националната стратегија за ментално здравје за млади 2024 – 2026. Овој процес започна и успешно се одвива по претходна иницијатива на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ). Иако носењето на Националната стратегија заслужува почит, она што допрва ќе следи од аспект на нејзино спроведување ќе каже многу за тоа кој колку има волја да се посвети на проблемот со менталното здравје.

Изработката на Стратегијата се одвиваше во координација со Регионалниот совет за соработка (Regional Cooperation Council) и со поддршка на Амбасадата на Велика Британија, а најголеми партнери беа младите луѓе кои како испитаници зедоа учество во собирањето на податоци. Од интервјуата и анализите се дефинираше постоечката состојба. Таа вели дека младите имаат проблем со своето ментално здравје, но за тоа слабо зборуваат. Свеста е на ниско ниво и недостига пристап и висококвалитетни алатки за помош на младите.

Најголем страв на младите е осаменоста, а во 2023-та година 3 од 4 млади чувствувале страв од неуспех. Повеќе од една третина од испитаниците изјавиле дека немаат со кого да разговараат кога се вознемирени, додека 25% од граѓаните на Македонија во одреден момент од животот имале проблем со менталното здравје.

После спроведените анализи, Стратегијата за ментално здравје за млади дава препораки кои треба да поттикнат активности за подигање на свеста за овој проблем, да обезбедат квалитетни услуги за рана превенција и справување со него, а обврски и препораки им се даваат на министерствата за образование, труд и социјала и здравство.

Усвојувањето на Националната стратегија е голем успех пред се’ за младите, а Министерството за труд и социјална политика се покажа како вистински партнер на НМСМ. Она што треба да следи, е брза и целосна имплементација на стратегијата на Владата и младинските организации кои она што е напишано на хартија треба да го спроведат во пракса.

Ако усвојувањето на Стратегијата беше предизвик, нејзиното спроведување ќе биде уште поголем, особено во овој период на предизборие. Позитивно е што менталното здравје кај младите е популарна и “тренди“ тема, а тоа секогаш има влијание врз работата на институциите и врз изборот на повици на донаторите. Се разбира дека тоа ќе ја олесни, но нема и да ја заврши работата.

Младински сектор е подготвен да ги спроведува препораките, но институциите и Владата се тие кои имаат повеќе ресурси и кои можат да ги направат поголемите чекори. Заедно со Националната стратегија за млади, Стратегијата за ментално здравје за млади треба да бидат приоритет во наредните неколку години. Тука започнува посветената работа за млади. А ако навистина ни’ значат, тогаш што чекаме?

Прочитајте повеќе

ДКСК ќе бара одговорност за случајот со Академијата на судии и обвинители

ДКСК ќе бара одговорност за случајот со Академијата на судии и обвинители

Одлуката на Вишиот управен суд која во неколку наврати заврши во корист на ДКСК не …