Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални денеска е примен во болница во Сибир, со симптоми кои неговата портпаролка Кира Јармиш ги опиша како знаци на труење. Навални летал од сибирскиот град Томск кон Москва кога се појавиле симптомите и морало да биде хоспитализиран. Било направено принудно слетување во градот Омск, каде е примен на интензивна нега и е без свест, јави „Н1“.
„Сметаме дека Алексеј е отруен од нешто измешано со неговиот чај. Тоа е единственото нешто што тој го пиеше утрово“, напиша Јармиш на Фејсбук и Твитер.
Јармиш ова го спореди со случајот кога минатата година Навални имаше силна алергиска реакција која, според лекарот, би можела да биде резултат на труење со непозната хемиска супстанца.
Навални кој е правник и борец против корупција, во последните неколку години беше во затвор неколку пати поради организирање протести против Кремљ.
Европскиот суд за човекови права пресуди дека неговите притворања биле политички мотивирани и дека ги кршеле неговите човекови права.