AНАЛИЗА: Најголем број невработени до 29 години има во Скопје, Тетово, Куманово и во Гостивар

AНАЛИЗА: Најголем број невработени до 29 години има во Скопје, Тетово, Куманово и во Гостивар

Некои од економистите веќе оценија дека владините мерки за „стимулирање“ на вработувања на млади лица се добредојдени, но дека ефектите се „невидливи“

Од вкупниот број на невработени лица во државата, по повеќе од 10.000 има само во три градови, Скопје, Тетово и Куманово, пишува Порталб.мк. Освен во овие три градови, „младинската“ невработеност е највидлива и во Гостивар и во Прилеп каде се регистрирани и најголем број на невработени лица до 29 години.

Од вкупниот број невработени, 18,2 отсто се млади од 15 до 29 години 

Според најновите податоци од Агенцијата за вработување, на крајот на 2023 година, како активни баратели на работа (невработени) на возраст од 15 до 29 години биле регистрирани 19.240 лица, што е 18,2 отсто од вкупниот број на невработени лица.

Дополнително, во Агенцијата се регистрирани уште 47.300 лица како „пасивни“ баратели на работа, меѓу кои повторно се појавуваат млади лица, но возрасната структура на оваа група невработени не е објавена. И покрај тоа што статистиките во континуитет регистрираат одлив на младо работоспособно население од една страна, и постојаното намалување на невработеноста на државни ниво од друга страна, „младинската“ невработеност и натаму останува голем проблем.

Порталб направи збирна анализа на бројот на невработени според возраста по градови и податоците покажуваат дека освен Скопје, со најголем број на невработени од 15 до 29 години се градовите Гостивар, Куманово и Тетово.

Согласно официјалната статистика, невработени на возраст од 15 до 29 години,во Скопје има 4.076 лица, во Тетово – 2.693, во Куманово има 1.952 лца, во Гостивар невработени се 1.396, а во Прилеп евидентирани се 1.105 млади лица.

Преку оперативниот план за 2024 година, кој веќе го објави „Порталб“, годинава планирано е да се обезбеди вработување на 11.622 лица, од кои најголем дел се млади до 29 години. Познавачите коментираат дека од ваквите мерки кои ја таргетираат „младинската“ невработеност мора да се спроведуваат системски и рамноправно по региони.

„Многу е важно мерките да се достапни подеднакво за сите, во сите региони. Да не се повторуваат исти лица со мерките, поточно едни лица во континуитет да користат мерки, а други лица да не успеат во тоа, ако знаеме дека се работи за принцип “прв дојден прв услужен“ од сите што аплицираат и ги исполнуваат критериумите“, вели една од поранешните директорки на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска.

Има три градови со по повеќе од 10.000 невработени 

Годинава оперативниот план „тежи“ 32,4 милиони евра. Најкористени мерки се „самовработување“ и „субвенционирање на плати“. Едно од клучните прашања е дали мерките даваат долгорочен ефект.

„Потребна е и анализа за тоа, дали лицата корисници на мерки се во работен однос и после истекот на договорот со кој користеле грант, односно за кои биле плаќани субвенции врз основа на што би се констатирало дали мерките се одржливи. И кај лицата кои посетувале обуки е важно да се знае колкав процент од нив се вработиле и дали сè уште работат. И ова е исто така показател дали има успех со мерките за обуки“, појаснува Јовановска.

Иако податоците од Агенцијата за вработување, но и на Заводот за статистика, покажуваат намалување на вкупната невработеност, за овој проблем и натаму се бараат решенија се трошат десетици милиони евра за негово сузбивање.

Во државата има три градови во кои официјално се евидентирани повеќе од 10.000 невработени лица. Во Скопје, на крајот на минатата година имало 22.863 невработени лица, во Тетово имало 13.198, а во Куманово – 10.716.

Некои од економистите веќе оценија дека владините мерки за „стимулирање“ на вработувања на млади лица се добредојдени, но дека ефектите се „невидливи“ поради повеќе причини. Опфатот на млади лица со мерките е мал, одлуките за отворање на бизнис не зависат само од финансиите туку и од економско-политичкото опкружување, присуство на корупција, квалитетот на образованието, можноста за напредување.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …