Анатомија на малограѓанските политички нагони

Анатомија на малограѓанските политички нагони

Пишува: Фатмир Битиќи

Со отпочнувањето на постапката за уставните измени во Собранието политичката супстанца на неодговорното однесување повторно почна да се разлева на јавната сцена. Духот на периферијата или малограѓанството кој е во агонија пред историскиот момент во кој се наоѓа државата, раздразнет од стравот за промена и реконфигурација на политичкиот и економски простор, разви ритуална иконографија на големи држави и реторика во која беа обелоденети големи планови за тоа како „светот да го скрши ВМРО-ДПМНЕ“.

Политичарите кои живеат и опстојуваат во свет на големи заговори и народни непријатели, кои пред портите на ЕУ мечтаат за големи држави, имаат страв дека уставните измени овој нивен свет ќе го срушат и ќе ги доведат во ситуација наместо за фантазми да зборуваат и нудат решенија за реални проблеми на граѓаните, да учествуваат во градење на политики кои ќе влијаат на квалитетот на животот на сите кои живеат во ЕУ. За ова успешно да се прави, за политички да се опстојува во тој простор, ќе бидат потребни идеи и визии втемелени на знаење, морален интегритет и подготвеност да се преземе одговорност, а нивното отсуство кај дел учесниците во нашиот политички живот е изворот на нивниот страв од исчекорот кој државата треба да го направи.

Откако Бугарите ќе влезат во Уставот, откако ќе ги започнеме преговорите со ЕУ и непријателите на македонскиот или било кој друг народ ќе исчезнат од сцената, прашањето кое треба да се постави е: кои ќе бидат темите на интерес и со што ќе се занимаваат политичарите кои се трудат да опстојуваат со продукција на фантазми односно со национално романтичарска фолклористика и откривање на теории на заговор? Со ништо. Нивната политичка агенда ќе биде празна, нема да знаат со што да ја пополнат. Затоа стравот, а не одлучноста, е нивниот сојузник. Затоа рационално втемелената одлука која треба да ја донесе Собранието ги вознемирува.

Отсуството на верување во себе, неодлучноста да се направи избор или да се учествува во донесувањето на одлука која државата ќе ја вгради во најголемата конфедерација на независни држави во светот, зборува само за малограѓанштината на дел од политичките кругови, кои се плашат од надворешни сензации, кои се затвораат во себе, кои поради своето незнаење, може да бидат само квасец на национализам, на поделби, на неразбирање и неприфаќање на различностите. Нивната политичка зона не е исполнета со знаење, туку со ритуален конзервативизам од кој не можат или не сакаат да излезат.

Малограѓанштината на овие кругови, како врвен вредносен императив на нивното политичко постоење, ги принудува да развиваат „големи“ наративи или да проектираат „големи“ држави за да ја сочуваат самодоволноста во ограниченоста на своите идеи и визии. Неспособноста или незнаењето во „малиот“ државен простор на Северна Македонија да понудиш идеја која фокусот на граѓаните ќе го држи на европскиот хоризонт, ги принудува изворот на својот политички легитимитет се подлабоко да го поставуваат во баналноста, која истовремено ја прават спектакуларна или сензационалистичка преку идеи за големи држави или заговори.

Одредени интересни групи кои ги поставуваа дел од нормите на економската и политичката егзистенција во државата, вознемирени како да одлучија, свесно или не, самоиницијативно или под „диктат“, да се спротивстават на геополитичкиот ритам на кој сме изложени. Во нивниот отпор кон промената, кон проширување на можностите, кон отворање на земјата и нејзино интегрирање во перспективи кои ќе носат развој, чиј извори ќе бидат дисперзирани и децентрализирани, посегнуваат да понудат готови историски одговори, кои се испишуваат на големи географски карти или се изговараат под “диктат“ на „граѓаните и народот“ кои „секојдневно на улиците“ испорачуваат барања кои се „дијаметрално спротивно од барањата на владејачкото мнозинство“.

Непостоењето на уверување во своите способности, капацитети, вештини и знаења да се вклучиш во свет во кој ќе бидеш препознатлив благодарение на својата креативност, иновативност, компетитивност или автентичност, да бидеш дел од еден огромен политички, економски и културен мозаик, како што е ЕУ, овие политички и бизнис кругови се принудени изолацијата на државата да ја прават разбирлива и поднослива за граѓаните. Во потрагата по оваа нормализација инспирација се пронаоѓа во фантазми кои имаат функција на оцртување на ЕУ како еден непосакуван простор за интегрирање, како целина во која е непожелно да се биде дел.

Успешноста на оваа политичка акробација бара смисла, бара да се затворат очите пред сè она што полноправното членство на државата во ЕУ ќе донесе за граѓаните, за сегашните и идните генерации. Овој нагон на естаблишментот и апологетите на статус-квото ги принудува да прават изречна или симболична глорификација на самотијата, на изолацијата на државата, било таа да е мала или голема, на нормализација на периферијата во нејзиниот расчекор со историскиот момент, независно колку и тоа искуство да го попречува просперитетот на општеството. Овие интересни групи неуморно се обидуваат целото општеството да го турнат во трајна потрга по валоризација на изолацијата. Во јавниот простор се препознаваат контурите на обиди за трансформирање на нејзината негативна содржина во позитивна политичка супстанца, во која нема место за “сите кои што не сакаат овој народ да успее“. Оваа потрага по негативна референца, состојба, која има исцелителни способности за нечиј фрустрации и стравови, е малограѓански инструмент на политичкото разградување на европските перспективи на Република Северна Македонија.

Нашата држава е пред избор и треба да одлучиме да се ослободиме од бремето на банализирачката, периферна или маргинална политичка свест и нејзиниот обид за нормализирање во 21-от век, во кој економијата засилено ги уважува компетитивноста, знаењето и иновативноста, а не близината или контактот со разни политички елити. Пристигна моментот во кој економското искуство, градено и развивано околу државата како централен носител и генератор на бизнисот, треба да се истисне, периферијата да се напушти и да се биде дел од економски простор кој го градат над 500 милиони потрошувачи, да се учествува во политички живот кој извира од над 420 милиони гласачи и да се биде дел од културен и лингвистички диверзитет кој произлегува од над 200 различни јазици кои граѓаните на Европа ги зборуваат.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми, чекориме по патот на демократските и европски вредности

Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми, чекориме по патот на демократските и европски вредности

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска упати честитка до медиумите и медиумските работници по повод …