Вакцината МРП за морбили, рубеола и паротитис не го зголемува ризикот од аутизам, ниту предизвикува аутизам кај децата, покажува најновата голема студија спроведена на 650.000 деца, објави британски „Гардијан“.
Истражувачите го користеле пописот на населението, за да проценат дали МРП вакцината е ризик од аутизам кај децата родени во Данска од 1999 до 2010 година.
Вкупно до август 2013 година следени се 657.461 дете, а научниците документирале дијагнози со аутистичен спектар, како и познати фактори на ризик како што се возраста на родителите, аутизмот кај браќа или сестри, предвремено породување и помала родилна тежина. Повеќе од 95 отсто од децата добиле МРП вакцина, а кај 6.517 деца е дијагностициран аутизам. МРП вакцината не го зголемила ризикот од аутизам кај децата без ризични фактори, ниту пак, предизвикало аутизам кај децата со ризични фактори, открива студијата која е објавена во списанието „Аnnals od Internal Medicine“.
„Идејата дека вакцината предизвикува аутизам се` уште е присутна и добива многу простор на социјалните мрежи“, изјавил Андерс Хвид, главниот автор на студијата и истражувач на Статенс Серум институтот во Данска.
Бидејќи антиваксерите стануваат се` погласни, а стравот од вакцината го шират дури и славни личности и политичари, Хвид и неговите соработници сакале да добијат научно базирани одговори. Најголемиот придонес во студијата е тоа што биле вклучени деца со ризик од аутизам, вели д-р Пол Офтит, директор на Центарот за едукација за вакцините при детската болница во Филаделфија. Тој сега се надева дека овој доказ ќе ги увери родителите со мали деца во ризик од пореметувања од аутистичен спектар, дека вакцината не го зголемува ризикот.
Митот за поврзаноста на вакцината со аутизмот доаѓа од студијата на Ендру Вејкфилд, објавена во 1998 година во медицинското списание „Лансет“. Вејкфилд беше финансиран од адвокатска фирма која сакаше да ги тужи производителите на вакцини МРП. Во 2010 година тој ја изгуби медицинската лиценца.
Една година подоцна, „Лансет“ ја повлече студијата, бидејќи истрагата покажа дека Вејкфилд ги изменил или погрешил податоците од дванаесет деца кои биле основа за завршување на неговата студија. Бројни подоцнежни студии, не најдоа врска помеѓу вакцината и аутизмот.
Извор: МЕТА